Нови алтернативни начини на промоција на извозот во услови на ковид-кризата

Со оглед на неизвесноста за одржување саемски манифестации и останати вообичаени форми на промоција, претставниците на бизнисот дадоа свои предлози и идеи со барање за понатамошно делување на Стопанската комора на Македонија и Агенцијата.

281

Денес, во Стопанската комора на Македонија се одржа работна средба на којашто учествуваа претставници на компании од Клубот на извозници и претставници на АСИПИРСМ, на тема: дефинирање на приоритетните активности за извозна поддршка на домашните компании, а во насока на стимулирање и промовирање на извозот.

– Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од денешните дискусии ќе произлезат конкретни барања, предлози и идеи кои ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот ,процес и на тој начин да ги помогнеме домашните компании – нагласи Арбен Виља, во неговото обраќање до извозниците.






Со оглед на неизвесноста за одржување саемски манифестации и останати вообичаени форми на промоција, претставниците на бизнисот дадоа свои предлози и идеи со барање за понатамошно делување на Стопанската комора на Македонија и Агенцијата.

– Поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани со што се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании – истакна претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.

Тој додаде дека во наредниот период компаниите своите активности ги насочуваат кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста користејќи „онлајн“-алатки за промоција и продажба на производите.

Присутните компании порачаа дека во наредниот период потребно е да се фокусираат активностите кон потпомагање на компаниите во делот на дигитализацијата и имплементацијата на напредни технологии, настап на виртуелни саеми, изработка на „онлајн“-презентации и маркетинг стратегии за промоција на македонските компании и брендови на странските пазари, изработка на стратегија за настап на „онлајн“-пазари преку „онлајн“-продажба и обезбедување на поголема поддршка за зголемување на конкурентноста на домашните компании.

На средбата беше презентирана и новата веб-страна на Агенцијата со порталот за промоција на извозот, како и мерките за финансиска поддршка со акцент на столбот 2 (Пораст на конкурентноста на компаниите за освојување нови пазари и пораст на продажбата).

(Извор: Стопанска комора на Македонија)

Поврзани содржини