„Кралевите“ се закитија со 34-та круна во Шпанија
Реал Мадрид триумфираше на дуелот со Вилјареал со двата гола на Бензема, додека стрелец за Вилјареал беше Ибора.
Екипата на Реал Мадрид со победата на Вилјареал (2:1) на едно коло пред крајот на шпанското првенство дојде до 34-та титула во својата историја.
Тимот на Зинедин Зидан пред почетокот на дуелот со „жолтата подморница“ имаше предност од 4 бодови пред лутиот ривал Барселона на две кола пред крајот од првенството, а со тоа екипата од „Бернабеу“ имаше две меч топки да дојде до титулата по пауза од 3 години.
„Кралевите“ триумфираа на дуелот со Вилјареал со двата гола на Бензема, додека стрелец за Вилјареал беше Ибора.
Работата им ја олесни и самата Барселона која во претпоследното коло на домашен терен загуби од Осасуна со 1-2.
Кралскиот клуб по паузата поради коронавирусот беше незапирлив. Ги доби сите 10 натпревари, додека Барселона се сопнуваше и губеше поени. И покрај честите критики дека судиите им помагаат затоа што лесно им свират пенали, фудбалерите од Мадрид си молчеа и ги кршеа ривалите. Како што победуваа паниката во Барса стануваше се поголема.
„Кралевите“ ја освоија титулата, а Барселона само може да си ја бара вината за неуспехот во своите редови и лошите настапи по рестартот на сезоната.
Сега Реал ќе се фокусира на ЛШ каде што ќе атакува и на европската круна.