Шекеринска: На 15 јули младите ќе гласаат за нова развојна економија

237

Додека СДСМ го рализираше големиот проект – парите кај граѓаните, ВМРО- ДПМНЕ беше против секоја идеја и секој предлог парите да се вратат во семејните буџети, изјави денеска Радмила Шекеринска, носител на ИЕ 5 од коалицијата „Можеме”.

– Мицковски и ВМРО- ДПМНЕ покажаа дека единственото нешто за кое што се грижат претходните 11 години е како да обезбедат повеќе пари за нив и за нивната партија, па и по цена младите во континуитет да ја напуштаат нашата држава. Затоа на 15 јули изборот навистина е едноставен – тоа е избор помеѓу шанса за младите или шанса за ново богатење на ВМРО- ДПМНЕ. Во изминативе 3 години навистина имавме фокус како да помогнеме младите луѓе полесно да дојдат до подобро работно место. Затоа само за 2,5 години стапката на невработеност кај млади лица падна од 48,6% на 35,3% – изјави Шекеринска.






Тука не застануваме, рече Шекеринска, и додаде дека ќе има успех само ако обезбедиме и пари и политики кои што ќе отвараат нови работни места, подобро платени, со подобри услови за работа.

– Со оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2020 година веќе обезбедивме 1,3 милијарди денари.  Тоа значи директна поддршка на младинското и женското претприемништво кое што подразбира грантови за млади и жени во висина од 5 000 евра до 15 000 евра. Тоа во исто време ќе значи и поврат на персоналниот данок на сите нововработени до 29 години во првите две години од нивното ново работно место – рече Шекеринска.

Целта на коалицијата „Можеме”, како што посочи таа, е да во следните 4 години секоја година стапката на невработеност да се намали за 3% годишно со цел на крајот на мандатот, за прв пат во нашата историја, да стигнеме до едноцифрена бројка на стапката на невработеност.

Tаа истакна дека на 15 јули и младите ќе гласаат за нова развојна македонска економија, ќе гласаат за своите пријатели, за сите млади во државата и ќе гласаат повеќе пари повторно да завршуваат во нивните семејни или бизнис буџети. Заокружете го бројот 3 бидејќи парите ќе одат кон граѓаните но и кон младите.

Поврзани содржини