Работниците со бенифициран стаж до 30 септември треба да изберат пензиски фонд
Изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство до 30 септември, доколку членовите до овој рок не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане на 1 октомври 2020 година
Членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од 1 јули 2020 година, имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2020 година, информира Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
„Изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство. Доколку членовите до овој рок не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане на 1 октомври 2020 година. По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фондот на ПИОСМ). Членовите кои нема да го остварат правото на избор остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе остварат пензија“ појаснуваат од МАПАС.