Христов од „Банка за храна“ во отворено писмо до Спасовски бара поништување на повикот за финансиска поддршка
Во прилог на овој допис, Ви пративме (копија) од нашиот предлог, ако Вие немате време, дајте му на некој кој има независен став и мислење па нека процени дали една ваква идеја зад која стои и Европската Унија, со наш влог од над 40.000 евра за набавка и распределба на 1.620 прехранбени пакети, 1.620 дезифициенси и 6.500 заштитни маски, на 1.620 семејства во 20 општини – градови ширум државата не заслужува да биде наградена т.е. помогната во намерата на оваа предлог акција.
Душко Христов од граѓанската организација „Банка за храна“ преку Фејсбук упати отворено писмо до премиерот Оливер Спасовски во кое приговара за Одлука за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со ковид-19 кризата. Тој бара од Спасовски отворање на апликациите и предлозите и јавно презнтирање и на наградените и на одбиените проекти. Христов бара поништување на повикот.
Отвореното писмо ви го прензентираме интегрално:
– Почитуван г. Спасовски, повеќе од очигледно е дека Одлуката за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со ковид-19 кризата е потпишана од Вас лично, но со убедување и верување дека за „избраниците“ и за предлог идеите не сте запознаени.
Не навлегувајќи во квалитетот на поднесените предлог идеи, во целава ситуација симптоматични се многу елементи и постапки кои наведуваат дека овој и сегашен избор на организации наградени со Вашата одлука е само бледа копија на една одлука на една бивша гарнитура која го правеше истото (но со помали материјални грешки), и секако не е одлика на веќе познатата „флоскула“ „Едно општество за сите!“, односно квалитетот, знаењето и заслугите на прво место.
Повик објавен на 6-ти јуни, последен ден за поднесување на апликациите до 11-ти јуни 2020 до 12 часот, прегледување на над 200 (подоцна дознавме дека се над 530) апликации – предлог проекти со по просек од 7–8 страници наративен дел и 2 -3 страници буџет, Вие носите Одлука и истата излегува на 13-ти јуни!
Ви се молам, немојте да ни ја навредувате интелегенцијата!
Вечерва и денес ќе добиете над 30 и повеќе приговори од граѓански организации за кои верувам повеќето (ако не сите) ќе бидат целосно оправдани и бидете убедени дека на ова нема да останаме, бараме и ќе бараме да се отворат апликациите и предлозите и јавно да се презентираат проектите наградени и оние кои се одбиени!
Не држи вода онаа старата „кој губи има право да се лути“, јас како претставник на Банката за храна МК нема да останам на ова, веќе реагирав на неколку институционални адреси, повикот ќе го преведеме на англиски, нашата предлог иницијатива и секако изборот на оние организации „добитнички“ (за сега) на „наградата“ од Вас и Владата на РСМ.
Ако Вашата или на еден(а) министер/ка беше одлуката листата на „наградените“ биде спремна, само се чекаше да се „затвори“ огласот, и да се пушти во етер информацијата, требаше да кажете на време да не трошиме време пишувајќи и пишувајќи ги нашите предлог иницијативи, требаше само да им кажете на Вашите (не мислам конкретно на Вас лично) „пуленчиња“, и работата ќе се завршеше мазно и без помпа, вака сега повеќе од очигледно ќе имате многу да објаснувате зошто и со кои предлог идеи се „наградија – наградените“.
За повеќето организации многу од нас кои сме повќе од 20 години во граѓанскиот сектор прв пат слушаме, за дел од „наградените“ знаеме точно што и колку работат или сработиле, а знаеме и кој, како и зошто ги „бутка“!
Со сигурност Ви тврдам дека на ова нема да останеме, а наш предлог е да се поништи овој повик, доколу сакате да се поделат средствата тогаш треба да има независни „читачи“ и евалуатори, а по можност и на јавна сцена да се презентираат „наградените“ v.s. оние за кои мислиме дека нашите предлози се и повеќе заслужни од тие сега што се наградени!
Во прилог на овој допис, Ви пративме (копија) од нашиот предлог, ако Вие немате време, дајте му на некој кој има независен став и мислење па нека процени дали една ваква идеја зад која стои и Европската Унија, со наш влог од над 40.000 евра за набавка и распределба на 1.620 прехранбени пакети, 1.620 дезифициенси и 6.500 заштитни маски, на 1.620 семејства во 20 општини – градови ширум државата не заслужува да биде наградена т.е. помогната во намерата на оваа предлог акција.
Да не спомнувам дека оние информации за кои знаеме кои се организациите, и кои се предложените нивни иницијативи и остварувања во овој период на ковид-19 кризата, што направија и што ќе направат ќе бидат силен аргумент и солидно „месо“ за медиумите, секако и за некои други адреси кои едвај чекаат (не)намерна грешка која ќе ја користат во своите јавни настапи!
Ако Вам или на „бирачите т.н. комисија“ на наградените, не значи ништо што за 10 години собравме и поделивме над 1.000 тони храна споделена до над 5.000 семејства, што во неколку општини за скоро 3 месеци (март – мај 2020) собравме над 90 тони храна, истата ја споделивме до над 4.500 семејства, и дека акцијата продолжува, тогаш не обрнувајте внимание на нашиот допис!
Почитуван г.Спасовски https://www.facebook.com/oliver.spasovski.35, Јавно ќе Ви се извиниме доколку сме грешни во намерата со овој допис, се вели во отвореното писмо.