Соседите ги пријавуваат, бидејќи кријат дека се заразени со корона вирусот
Имаме изјава од службата за Брза помош дека пациентот којшто пред некој ден одбил да се хоспитализира, утредента починал, изјави д-р Сотирова Бухова.
Има случаи во кои дел од граѓаните кријат дека се заразени со корона и даваат лажни податоци на лекарите во епидемиолошките анкети, па соседите ги пријавуваат. Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) наведуваат пример од пред неколку дена во кој скопјанец одбил да потврди дека е инфициран со вирусот и не сакал ниту со Брза помош да биде пренесен во болница, а утредента починал.
Од над 70 пријавени позитивни лица пред неколку дена, дури 20 изјавиле дека не контактирале со заразен со вирусот.
Во врска со тоа како тогаш се заразиле овие лица – дали можеби кријат дека се позитивни, министерот за здравство, Венко Филипче, изјави:
– Има бројни податоци во кои не ги кажуваат контактите и пациентите, точно, одбиваат да кажат и дека имаат симптоми, па ги пријавуваат соседите. Тоа се наоди од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. А проверката кога ќе се направи со епидемиолошката анкета, се покажува дека тоа се контакти од постојните кластери.
За тоа која е казната за оние коишто ќе пријават лажни податоци во услови на епидемија, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Сотирова Бухова, појаснува:
– За давање лажни информациии се казнува според Кривичниот законик, а не по Законот за здравствена заштита. Точно, имаме случаи каде комшиите пријавуваат сомнителни или заразени со вирусот во Брза помош, екипата оди на лице место и прашува, а дел од граѓаните велат дека не сакаат хоспитализација. А Брза помош нема право да ги пренесе до болница, ако тие одбиваат, за тоа треба да се задолжени други институции. Имаме изјава од службата за Брза помош дека пациентот којшто пред некој ден одбил да се хоспитализира, утредента починал.
Според Кривичниот законик, член 206 (1), тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна.