Владата по паметот на реисот – вирусот е мртов, да живее вирусот!

10,149

Не знам за вас, почитувани читатели, но јас не гледам суштинска разлика во начинот на кој коронавирусот го разбира сега веќе разрешениот поглавар на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи, и како ова зло го перцепира власта.

Знаете веќе, пред неколку дена, реисот, веројатно во предбрачна еуфорија, објави дека вирусот е мртов. Сите бевме шокирани од таа неодговорна изјава на верскиот поглавар, а имаше и такви кои бараа реисот кривично да одговара.






Но, веднаш потоа, на спектакуларна конференција за печатот, на која се испофалија техничкиот премиер Оливер Спасовски, техничкиот министер за здравство Венко Филипче и човекот чија „идеологија“ била епидемиологијата, шефот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски, власта објави крај на полицискиот час и неформална победа над пандемијата.

Беше тоа ден кога другарчињата блескаа! За кратко, нормално…

Чудно, ретки беа тие што ја критикуваа таа одлука и тоа неодговорно пeрчење. Да бидам искрен, решив и јас да ја одмолчам, да бидам малку на страната на „победниците“, на страната на „добрите“. Снемав сили да се расправам со несериозни луѓе.

Арно ама, од тој момент, ко за инает, мртвиов вирус како да реши да ни се одмазди. Секој ден страшни бројки. Вчера 38 нови заразени и 3 мртви, денес 52 и 4 мртви. А допрва ќе навјасаат „бајрамските“ случаи и тие предизвикани од славјето на лажниот триумф над пандемијата. Кој знае што не чека допрва…

И додека овој незгоден противник уште еднаш ја потврдува онаа мисла на професорот Ѓикиќ која често ја цитирам – дека вирусот не може да се победи со ароганција, бидејќи тој не разбира што е тоа – другарчињата од власта упорно полемизираат со опозицијата, прават некои свои весели математики и „докажуваат“ дека не само што не било точно дека сме рекордери во регионот по смртноста од ковид-19, туку дека, всушност, сме биле меѓу најдобрите.

Тоа е, епидемиологијата е нивната „идеологија“. А фејкувањето е нивната стратегија. Тоа што од нас се обидуваат да направат будали е нивната тактика.

А ете, таа вчерашна блесава полемика за статистиката, тие лажни аргументи што ги смислил некој уште поблесав пи-ар „стратег“, завршија со пораз веќе утрово, со една единствена, убиствена бројка. 52 новозаразени! 4 мртви, сите млади! Страшно! И веднаш потоа итна и бледа прес-конференција, на која докторот Филипче немаше да соопшти што ново смислил министерот Филипче.

Во меѓувреме, во коментарите во некои медиуми и на социјалните мрежи, читаме нова мантра од апологетите на власта и од ботовите. Народот бил виновен! Народот ни бил прост, необразован, некултурен. Уште малку па да кажат ко што кажува другарот Заев, цитирам: „Ебем ти таков народ!“

Се извинувам на вулгарноста, преземена од речникот на еден кандидат за Нобеловата награда, но еве, да го забележам и тоа дека на тој ебан и преебан народ, сега дури и му се закануваат. Или ќе ги почитувате мерките, или ќе се вратат рестрикциите! Таа најава од луѓето кои вчера ги симнаа рестрикциите за да создадат алиби за изборите (за ништо друго, во тоа сум длабоко убеден) е израз на немоќ и на голема нервоза.

Ништо не оди по планот! Овој вирус не сака да слуша, не им дозволува на другарчињата да заблескаат пред изборите. Додека тие маваат со „чеканот“ и ја исправаат кривата, кривата ги исправа нив, пред суровата вистина дека не произведоа делотворна стратегија во битката со пандемија и пред фактот дека се заканува опасноста Македонија да остане црна точка на коронакризата во регионот.

Јас веќе се изморив од дебати и расправии за начините како успешните влади ја менаџираат коронакризата, а како тоа го правиме ние. Подлегнав за кратко на разулавените повици на апологетите на власта, кои вреват сите ние кои не сме биле експерти да замолчиме и да дозволиме нашите „идеоепидемолози“ да си ја бркаат работата. А што да правам, си реков, со глава ѕид не се урива…

И ете што се случи. Нашите „големи“ умови, во предизборна еуфорија, тргнаа по паметот на поглаварот на ИВЗ. Пред тоа, за Бајрам, срамно попуштија на заканите на реисот. Како и да е, среде нов епидемиски бран, нашата власт објави смрт на вирусот и најави живот во „новата нормалност“.

Како ви изгледа сега таа „новата нормалност“, а?

И кој е виновен сега? Па народот, кој друг… „Ебем ти народот“, што би рекол другарот Заев!

Не другарчиња, не се вели така. Народот си е таков каков што си е и како што си бил секогаш. И прост и необразован и некултурен. Да е поинаков, нема вас да ве гласа, туку на клоци ќе ве крене! Во право беше Бранко Црвенковски кога рече дека народот е во право и кога греши. А вие друг народ и немате. Додека не најдете начин да го избркате овој и да увезете нов, има да се вели – ебем ти власт, ебем ти држава, да ти ебем!

Уште еднаш простете на вулгарноста, почитувани читатели. Лут сум и разочаран, не кријам. Веројатно и на вас не ви е сеедно.

А ако се случи вирусот да се повампири, ако заразата продолжи да се шири со ова темпо и ако Македонија остане црна точка во регионот, ќе биде тоа страшен, невиден срам за оваа држава и огромен пораз за оваа политичка елита. Во таков случај, јавно ќе побарам оставки од сите политичари на власт, прво од техничкиот премиер Оливер Спасовски и од сите министри, а потоа и од претседателот Стево Пендаровски. Најмалку од морални причини. Зашто, тоа ќе биде најголем удар врз нашата татковина не од осамостојувањето во 1991 година, туку од 1945 година до денес!

За добрата вест што ја слушнавме денеска, пак, треба да им се заблагодариме на нашите пријатели од југот. Грција одлучила од 15 јуни и ние да бидеме на списокот на граѓаните од европските земји што ќе можат да патуваат во таа земја. Ефхаристо, Елада! Да се надеваме дека и нашите други соседи ќе го следат примерот на Грците.

А вие,  другарчиња, чините чаре! Обелете си го образот, дури е време. Не знам како, вие сте експерти, а прашајте си ги и вашите „идеоепидемиолози“…

И имајте на ум дека полека но сигурно се создаваат услови да размислуваме не само за вашата политичка одговорност за начинот на кој некои од вас ја менаџираа коронакризата, туку и да анализираме дали постојат и аспекти на казнена одговорност за поведението на некои од вас, веројатно поврзана со незнаење, небрежност и несторување. Тоа навистина се олеснителни околности, но нема да бидат оправдување ако продолжите да си играте со здравјето на народот. Животот е долг, а тркалото се врти…

 

Поврзани содржини