Светот се движи кон хаос

Желбата за спасување стана силна национална религиозна молитва, но никако и глобална.

3,450

Низ историјата, пандемиите предизвикувале двојни трагедии – масовни убивања на луѓе и уривање на светските поредоци. Пандемијата наречена „Црна смрт“ која избила во Кина (1334 година), и многу брзо се проширила низ светот  убила над сто милиона луѓе, ама ја распаднала и тогашната најсилна империја Монголска. Таа болест во Европа усмртила над половина од нејзината тогашна вкупна популација, но довела и до експанзија на европскиот колонијализм, а и до уривање на феудалниот систем.

Во 1918 се појавил „Шпанскиот грип“ кој заразил околу 40 отсто од светската популација и убил над сто милиона луѓе низ светот. Токму ова пандемија во Европа довела до појава на фашизмот и Волстрит хаосот во 1929 година, познат по името „Голема несреќа“ (Great Crash). Тогаш колабирала Њујоршка берза и настанала големата светска депресија која довела до Втората светска војна. Крајот на Втората светска војна, пак довел до ООН како важен светски фактор за мирот и развојот. Тешката економска криза во СССР довела до распад на ова држава и пад на системите во голем број социјалистички држави. По дваесет години американски униполаризам се случи 11 септември 2001 што доведе до бројни војни во име на глобалниот тероризам. Потоа следеа вирусите САРС, „птичји грип“, „свински грип“, „ебола“ итн, но светот изгледа добро се снаоѓаше се до појавата на САРС-КОВ-2 кој доведе до општа парализа во целиот свет. Се случуи „Трета светска војна“ без ниту еден куршум. Само со невидлив биолошки агенс.






Во 1972 година, Едвард Лоренц создал метафората „Ефект на пеперутката“ (што значи дека мавтањето со крилја на пеперутка во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас). Половина век подоцна се случи вирус десетина милиона пати помал од пеперутката и создаде торнадо во целиот свет. Фантастичните теории на хаосот станаа практични! Направи пустош по развиениот свет. И кога тој свет помисли дека воспостави контрола над вирусот, тој силно почна да го напаѓа третиот свет, чии држави имаат ептен слаби здравствени ресурси. Тоа може да доведе до двоен хаос во планетарните размери, оти развиените земји немаат веќе кондиција за да помогнат. Тоа може да доведе до невиден масовен бран мигранти, пад на системи, инсталирање на диктатури и многу војни.

Трговска војна меѓу САД и Кина

Деновиве како бомба одекна изјавата на Трамп дека воведува санкции против 33 кинески компании, наводно поради кршењето на правата на Ујгурите (што, рака на срце Ујгурите на Трамп му значат помалку од ланскиот снег). На списокот на санкции е и Научниот институт за судски науки при Министерството за безбедност на Кина. Но, изгледа тоа е само тактика на измислување напријател пред претседателските избори на кои Трамп претендира втор мандат, но сега со видно послаба позиција. Многумина велат дека оваа пандемија и катастрофалното лошо снаоѓање на администрацијата на Трамп со неа, се сериозен удар за угледот и моќта на САД. Кај домашната и светската јавност созрева мислење дека САД не е веќе семоќна. Трамп тоне додека мисли дека плови со сите едра. Кога не гледате во даличината, тагата ви е на потпетиците. Кисинџер со право јавно потенцираше дека САД покрај тоа што треба да ги штитат своите граѓани од епидемијата, мора да дејствува брзо за да испланира нова ера. Тој истакна дека на САД им е потребна активна и визионерска влада за да помогне во надминувањето на огромните светски проблеми. Но, екцентричниот и експлозивниот Трамп, првин го игнорира вирусот, а потоа бара лекарите низ светот да ги остават пациентите во своите држави и да доаѓаат во САД, затоа што американските пациенти биле поважни!

И земјите од третиот свет, се сѐ поблиску до општ банкрот заради јавниот долг, главно кон западните банки. Во растечкиот хаос во тие држави, можно е се. Од диктатури, преврати, војни, востанија, окупации на туѓи територии итн. Во услови кога САД се свртени кон себе, кога ЕУ е слабо функционална, кога Русија е во блокда, кога Кина ја гледа само економијата и трговијата – тешко е предвидливо што се во овие трети земји може да се случи.

Факт е дека зад меѓународниот поредок по Студената војна, стоеја силно САД. Тие дури ги диктираа правилата на игра во светот преку разни институции и организации како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Светската трговска организација, НАТО и Г8. Другите земји генерално сакаа да станат дел од тој систем, прифаќајќи ја американската превласт. Тоа истовремено значеше доминација на американските вредности. Дури и Москва се зачлени во СТО, па се приклучи на Г8 и соработуваше со НАТО како земја-партнер.

Интересно, деновиве „Le Mond“ напиша дека „Макрон е последниот вистински поборник за мултилатерализмот“ во ООН и во светот и посочува дека светската здравствена криза предизвика „радикални промени во нашето геополитичко опкружување“. „Светскиот поредок мора да биде преиспитан и реорганизиран“, пишува овај весник, истакнувајќи дека Обединетите нации се парализирани. Францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да организира состанок на лидерите на петте земји – постојани членки на Советот за безбедност на ООН со цел што поскоро да се договорат за заедничките чекори за борба против пандемија. Оваа средба на лидерите на најмоќните земји „би требало да му покаже на светот дека тоа се лидери кои се во можност да излезат од сегашното однесување на „секој за себе“ и да соработуваат во борбата против коронавирусот“, пишува парискиот весник. Интересно е што само пред осум месеци Макрон оцени дека НАТО е пред клинична смрт, а ЕУ е на работ на амбисот. Толку од неговиот анти-мултилатерализам! Среќата не можете да ја купите со тие пари што сте ги добиле од продажбата на моралот.

Од друга страна, Русија економски видно е ослабена првенствено поради историскиот колапс на цените на нафтата на светски пазар. Токму поради тоа и авторитетот на Путин е многу паднат. Диктаторите не си дозволуваат толку лесно да тонат, па и ова состојба претставува голема закана за регионалниот мир и безбедност. Познато е дека диктаторите полесно би започнале војна отколку да ја загубат власта. ТРусија веќе не се надева многу на врските со земјите на БРИКС, АСЕАН и Кина.

Деновиве, пак, Панкај Мишра за „Bloomberg“ напиша дека вирусот повторно ќе ја врати силната држава. А тоа е најголемата закана првенствено за ЕУ чии членки егоистички делуваа за време на коронакризата.

Оттука, не се без основа очекувањата за зајакнување на сувернитетските тенденции меѓу државите членки на ЕУ, што би било катастрофално за Унијата. Тука паднаа на испит и левичарите и десничарите. А кој ќе ја пополни празнината?! Тоа е многу тешко прашање во услови на дарвинистички пристап кон глобалните проблеми. Желбата за спасување стана силна национална религиозна молитва, но никако и глобална.

Поврзани содржини