Околу еден месец дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска го кочи проектот за справување со коронавирусот вреден 90 милиони евра, средства од Светската банка кои, меѓу другото, се наменети за кревети за интензивна нега за сите инфективни одделенија во државава, за лабораториски капацитети, изјави за МИА министерот за здравство Венко Филипче.
Тој информираше дека Димитриевска-Кочоска неколку пати испраќала барање до Министерството за здравство за објаснување за што ќе се употребат средствата и исто толку пати ѝ било одговорено. Според Филипче, прашањата на заменичка министерка за финансии ѝ се повторуваат, а со таа нејзина постапка на одолговлекување, не се одобруваат средствата за здравствениот систем, односно за ургентна поддршка за зајакнување на капацитетите за третман на ковид пациенти.
– Средствата што се одобрени, а не ги одобрува Димитриеска Кочоска, ќе помогнат да ги опремиме сите инфективни одделенија во државава, пред сѐ, со интензивни кревети, машини за сликање, лабораториски капацитети и друго. Има еден дел од средствата за едукација на лекарите, потоа за надградување на епидемиолошките центри со комплетна опрема, односно овие средства се за сите аспекти кои ги покрива ковид вирусот – појасни Филипче.
Министерот информираше дека за овој кредит кој е одобрен од Светската банка, тој претходно имал конференс-кол со генералниот директор на банката кои први ни излегле во пресрет и во рекорден период го одобриле кредитот. Брзото одобрување, според Филипче, се должи на потребата за зајакнување на капацитетите во борба со ковид болеста.