Шпанците се шетаат без маски и како пуштени од синџир
По двомесечен строг карантин, жителите на Шпанија максимално ги користат термините за прошетка или спортување. Притоа, повеќето не носат маски. Еве како изгледаше денеска шпанскиот град Аликанте.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, синоќа обезбеди доволно гласови во Парламентот за да ја продолжи вонредната состојба во земјата за уште две недели, откако полека се олеснуваат мерките за изолација. Продолжувањето на вонредната состојба започнува во недела.
А во меѓувреме, откако се олабавија мерките за изолација, Шпанците ги полнат улиците во одредени термини. Периодот од 6 до 10 часот и од 20 до 23 часот е период за индивидуални спортови и прошетки за возрасните (од 14 до 70 години).
Од 10 до 12 часот и од 19 до 20 часот е период кога можат да излезат луѓето на возраст над 70 години и оние кои се зависни од други.
Од 12 до 19 часот, цели 7 часа е периодот кога надвор можат да бидат децата до 14 години, во придружба на само еден возрасен.
На фотографиите кои се снимени во шпанскиот град Аликанте може да се забележи дека Шпанците максимално ги користат термините за прошетка или спортување кои им беа дозволени пред само неколку дена. Повеќето од нив се без маски, а не се почитува ниту меѓусебната дистанца.
Со 220.325 заразени лица, Шпанија е земја со најголем број случаи во Европа, но минатата недела стапката на ширење на инфекцијата се намали. Досега починаа 25.860 луѓе, а излекувани се 126.000. Од вирусот заболеле 44.000 здравствени работници.
Фото: PS Visualart