СДСМ: Изборите треба да се одржат веднаш штом се стабилизира епидемијата ВИДЕО
Во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро, оценува партијата на власт.
– Во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро. Од здравствен аспект, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога короновирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот.
Справувањето со пандемијата принудно го стопираше изборниот процес непосредно пред стартот на предизборната кампања. Скоро на крај од сите изборни дејствија кои беа спроведени од страна на Државната изборна комисија Собранието сега не е во функција. А, демократијата бара Собранието да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните. Тоа е причина повеќе да продолжиме по патот на обезбедување на новата нормалност, која веќе сите ја живееме. И веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застана на 12 април за веќе закажаните избори – рече Николовски.
Тој нагласи дека маските и дистанцата со сигурност стануваат наше секојдневие, а обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата.
– Одговорно е да се носат одлуки растоварени од личните и теснопартиски интереси, а ниту една политичка кариера не е поважна од граѓаните. Мицкоски кажа дека „од СДСМ молеа бога да се случи корона вирус за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести“. Што е тоа што го натера Мицкоски да добие уплав од избори после 2 месеци – прашува Николовски.
Тој во име на СДСМ, во име на централниот изборен штаб и во име на регионалните и општински изборни штабови во шесте изборни едници, ја упати пораката дека на сите треба да им е јасно дека „преоѓаме во нова фаза, кога одиме кон нова нормалност на нашето живеење, нашето ново секојдневие“.
– Преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и за избори. На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции. На македонските граѓани им треба почетокот на преговорите. На македонските граѓани им се потрбни функционални институции а пред се функционален парламент – истакна генералниот секретар на СДСМ.