Филипче: Нема универзална форма на лекување за пациентите со ковид-19
Тој додаде дека се прават комбинации на лекови заради тоа што страдаат повеќе органи, а тоа го дефинираат лекарите при третманот заради тоа што на дефинирање на терапијата претходат многу анализи - крвни анализи, рентгентски слики на бели дробови, ехо снимки.
Досега во светот нема една универзална форма на лекување на пациентите заразени со ковид-19, зашто болеста има многу различни манифестации – од најлесна, па дури и со гастроинтестинални тегоби, преку лесна форма на настинка, средна форма со сериозно компромитирано дишење и најтешка форма кога се пациентите зависни од респираторна машина.- рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на прашање.
Тој додаде дека се прават комбинации на лекови заради тоа што страдаат повеќе органи, а тоа го дефинираат лекарите при третманот заради тоа што на дефинирање на терапијата претходат многу анализи – крвни анализи, рентгентски слики на бели дробови, ехо снимки.
– Сето тоа се прави секојдневно и бара секојдневен увид во евентуално додавање, одземање, менување на дозите на различна терапија. Досега во светот нема една универзална форма на лекување за овие пациенти – рече Филипче.
Во врска со тоа како ќе се одвива наставата за следната учебна година за да се обезбеди доволно растојание меѓу учениците и како ќе работат градинките, министерот појасни дека се уште се изработуваат моделите како ќе функционира тоа. Потенцираше дека организацијата ќе биде предизвик за градинките, но оти ќе се остави тоа да го решат експертите.
– Разговаравме со претседателот на Владата, министерот за образование и наука во однос на сите овие детали заедно со вклучени луѓе од Комисијата кои работат на тие критериуми. Во таа смисла се уште се изработуваат моделите во кои сето тоа треба да се изведе. Знам дека ќе биде предизвик во градинките, но ќе оставиме експертите да го кажат своето мислење во соработка со претставници на МОН заради носење на заеднички план кој потоа ќе биде достапен за јавноста и пред се за институциите кои треба да го имплементираат – прецизира Филипче.