Има поплаки од граѓаните дека многу се чека на резултати од брисот за корона вирусот, а и луѓе што се веќе излекувани се жалат дека предолго чекаат на резултатот, како што е синот на починатиот од Велес кој не може да добие резултат дека е излекуван, па не може ниту на погреб на татко му да оди. Ова беа некои од прашањата коишто новинарите денеска му ги поставуваа на министерот за здравство, Венко Филипче.
Починатиот во Велес е 58-годишниот вработен во ЈП „Македонски шуми“.
Министерот вели дека се обидуваат да го забрзаат процесот на добивање на резултатите.
– Анализираме каде се чека, а сега со двете нови лаборатории, и таа во МАНУ, која е со голем капацитет, се обидуваме во еден ден да се добијат сите резултати од сите болници надвор од Скопје. Ќе се транспортираат сите материјали истиот ден и утредента ќе се прават анализите и ќе се изработуваат резултатите. По информацијата утрово и со оглед на просечниот број на болници, овој капацитет од 50 до 100 теста на ден е доволен. Се прави и реорганизација на лабораторијата во МАНУ и се настојува и таму сега да се чека до еден ден за резултати – одговори Филипче.