Македонците одат на работа во странство по секоја цена
Агенциите кои вработуваат во странство велат дека засега се во мирување сите проекти.
Македонците вработени на бродови остануваат закотвени во пристаништата на компаниите и нема да се враќаат дома. Новопримените вработени за бродски персонал ќе чекаат испловување на бродовите, а сите кои сакаат да работат во странство можат да аплицираат за работни места, но засега не се знае дали ќе можат да заминат и оние кои ги исполниле сите услови, велат агенциите преку кои оди вработувањето во странство.
Од корпорацијата „Коузон“ преку која оди вработувањето на брод и вработување на студенти во странство велат дека засега сите проекти се во мирување, најверојатно до мај.
– Имаме отворено огласи за вработување во Хрватска и во Германија. Заинтересираните можат да аплицираат електронски, но не е сигурно што ќе се бара како искуство и од кога ќе почне вработувањето. Засега се знае дека во Хрватска туристичката сезона нема да почне вообичаено, а за Германија нема најави. Според тоа, најверојатно до мај нема да се знае какви ќе бидат потребите за работници во овие две земји – вели Зоран Кочовски од „Коузон“.
Што се однесува до проектите за студенти тие почнуваат од јули, па да се надеваме дека до тогаш ќе имаме променета состојба.
– Сите вработени на бродовите од земјава се во пристаништата каде што се закотвени бродовите и каде што се безбедни и се во добра здравствена состојба. Договорено е да им бидат исплатени платите и придонесите додека мируваат, а потоа продолжуваат со работа. Оние кои требаше да почнат со работа нема да се качат на бродовите засега – информира Кочовски.
И од агенцијата „Контекст“ преку која одат вработувања за Германија и се организира патување и работа за студенти во Германија и во САД, велат дека моментално проектите се во мирување.
– Засега примаме само апликации за работа во Германија, но поради состојбата со коронавирусот во овој дел имаме застој, односно мируваат постапките. Моментално не работи и германската амбасада, па не може да се аплицира ниту за виза, односно да се подготвуваат документите за влез во Германија. Не знаеме кога ќе можат апликантите кои ги исполниле условите и добиле визи да отпатуваат во Германија. Тоа зависи од состојбата во Германија и мерките на владата во земјава. Наша препорака е да не се патува иако кандидатите ги завршиле постапките, бидејќи и да отидат во Германија не се знае дали компаниите работат, па можно е да останат без работно ангажирање – вели Александра Божиновска од „Контекст“.
Божиновска вели дека дел од граѓаните не ги слушаат препораките и заминуваат во Германија.
– Вчера имамвме таков случај двајца со авион отпатуваа во Германија. Нам не ни останува ништо освен да апелираме да ги следат информациите на тамошната влада и да ги почитуваат. Тие сега таму ќе треба да обезбедат и дополнителен документ за здравствената состојба – вели таа.
Според неа, засега е рано да се размислува за студентските патувања кои се организираат преку оваа агенција.
– Студентите веќе аплицираа за САД и за Германија. Тие треба да одат во јуни, па ќе видиме што ќе се случува. Затоа на сите им велиме да ги следат информациите и препораките на нашата страница или да контактираат на телефоните – вели Божиновска.
Бројката на луѓе кои заминале или аплицирале за престој во странство од агенциите велат дека не можат да ја кажат бидејќи аплицирањето за работа во странство оди на дневна основа и зависно од потребите на компаниите во странство.