6-ГОДИШНО ДЕТЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНО ВОЗЕЈЌИ ЕЛЕКТРИЧЕН ТРОТИНЕТ Се судрило со мотоцикл
Мотоциклот бил нерегистриран, а 30-годишниот возач немал возачка дозвола, поради што веднаш е уапсен.
Сообраќајна несреќа се случила во битолското село Добрушево, при што шестгодишно дете е тешко повредено откако управувајќи електричен тротинет се судрило со мотоцикл.
Од СВР Битола информираат дека несреќата била пријавена на 13 мај 2026 година околу 12:50 часот. Според првичните информации, во судирот учествувале мотоцикл без регистарски таблички, управуван од 30-годишниот Х.Т. од селото, и електричен тротинет кој го управувало шестгодишното дете, исто така од Добрушево.
Во несреќата детето добило тешки телесни повреди и веднаш било пренесено во Клиничката болница во Битола, каде лекарите му укажале медицинска помош. Повреди добил и мотоциклистот, но според информациите станува збор за полесни телесни повреди.
По извршениот увид на местото на несреќата, полициските службеници утврдиле дека мотоциклот бил нерегистриран, а 30-годишниот возач немал ниту возачка дозвола. Поради тоа, тој бил веднаш лишен од слобода.
Од полицијата велат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава против лицето.