29 ГОДИНИ БЕЗ ДИЈАНА Ако беше жива принцезата годинава ќе наполнеше 65 години
На годишнината од нејзината смрт повторно се открива што се случувало во часовите по несреќата во Париз, додека братот на Дијана денес со емотивна порака го одбележа денот во Алторп. Ако беше жива принцезата годинава ќе наполнеше 65 години.
Денес се навршуваат 29 години од смртта на принцезата Дијана, но деталите од ноќта во која загина и денес го привлекуваат вниманието. На 31 август 1997 година, автомобилот во кој се наоѓаа Дијана, Доди Фајед, возачот Анри Пол и телохранителот Тревор Рис-Џонс се удри во столб во тунелот „Пон де л’Алма“ во Париз, додека бил следен од папараци.
Доди Фајед и Анри Пол починале на местото на несреќата, додека телохранителот Рис-Џонс бил единствениот преживеан. Дијана, која имала 36 години, била тешко повредена, но не починала веднаш.
Според сведоштвото на францускиот пожарникар Ксавиер Гурмелон, кога спасувачкиот тим пристигнал, Дијана сè уште била свесна. Тој подоцна раскажал дека таа го прашала: „Боже, што се случи?“
Спасувачите ја извлекле од автомобилот, а потоа била пренесена во болницата „Питије-Салпетриер“. Лекарите со часови се обидувале да ѝ го спасат животот, но повредите биле премногу тешки. Дијана била прогласена за мртва во 4:53 часот наутро.
Во меѓувреме, веста почнала да се шири низ светот уште пред да се раздени. Луѓе почнале да се собираат пред Кенсингтонската палата, а првите букети цвеќе биле оставени пред нејзиниот поранешен дом. Во 5:09 часот Бакингемската палата објавила дека кралицата Елизабета Втора и тогашниот принц Чарлс се „длабоко шокирани и потресени“ од трагичната вест.
Во тој момент Вилијам и Хари биле со својот татко и останатите членови на кралското семејство во Балморал. Чарлс прво го разбудил 15-годишниот Вилијам за да му ја соопшти веста, а потоа му кажал на Хари, кој имал 12 години. Хари подоцна раскажуваше дека во тој момент сè уште се надевал дека неговата мајка е жива.
Околу 18 часот телото на Дијана било пренесено назад во Велика Британија. Во деновите што следеа, пред палатата се создала огромна маса од цвеќе – се проценува дека биле оставени речиси милион букети, додека јавноста сè погласно ја критикувала кралската фамилија поради начинот на кој реагирала на трагедијата.
На денешната 29-годишнина, братот на Дијана, Чарлс Спенсер, повторно го одбележа датумот во Алторп. Над нејзиниот поранешен дом знамето беше спуштено на половина копје, а тој објави кратка порака: „31 август. Мојот најмалку омилен ден.“
View this post on Instagram
Инаку, братот на Дијана одржа потресен говор и на погребот во Вестминстерската опатија, во кој остро ги критикуваше медиумите и кралското семејство за нивниот однос кон Дијана додека била жива.
– Вреди да се потсетиме дека од сите иронии поврзани со Дијана, можеби најголемата беше токму оваа – девојка која го добила името по древната божица на ловот, на крајот стана најловената личност на модерното време – рече тој.
Во тоа време, една анкета покажала дека 77 отсто од Британците целосно се согласуваат дека говорот на Чарлс Спенсер ги одразувал чувствата на нацијата.
Дијана подоцна истиот ден била погребана на приватна церемонија во Алторп Парк, на семејниот имот на Спенсерови. На себе имала црн волнен фустан со долги ракави од дизајнерката Кетрин Вокер, кој го нарачала само неколку недели пред смртта, а во рацете држела бројаница што ја добила на подарок од Мајка Тереза.
Денес гробот на Дијана е обележан со едноставна бела урна на остров обраснат со зеленило, во средината на езерото. Патеката што води до езерото е опкружена со 36 дабови дрвја, од кои секое претставува по една година од нејзиниот живот.
Иако гробот на Дијана не може да се посети, Алторп е отворен за посетители во текот на летото. Од другата страна на езерото може да се види белата меморијална урна, опкружена со бујно зеленило, а посетителите можат да го посетат и храмот покрај езерото посветен на Дијана, каде што оставаат почести.
Храмот е украсен со црно-бел медалјон со ликот на принцезата, како и со еден од нејзините цитати:
– Ништо не ми носи поголема среќа од обидот да им помогнам на најранливите луѓе во општеството. Тоа е цел и суштински дел од мојот живот. Некаков вид судбина. Кој и да е во неволја, може да смета на мене. Ќе дотрчам каде и да се наоѓа.
Ако беше жива принцезата годинава ќе наполнеше 65 години.
Спенсер во септември треба да ја објави и својата книга за сестра му, во која најавува личен и досега неискажан поглед кон нејзиниот живот.
29-годишнината доаѓа само неколку дена откако принцот Хари и Меган Маркл се вратија во Велика Британија со Арчи и Лилибет. Нема потврда дека Хари денес се сретнал со Вилијам и Кејт, но нивното повторно присуство во Британија неизбежно го врати во фокус прашањето дали наследството на Дијана би можело еден ден повторно да ги зближи нејзините синови.
Браќата не разговарале од погребот на кралицата Елизабета Втора во 2022 година. Кралскиот биограф Роберт Џобсон смета дека евентуално повторно појавување на иста сцена би можело да се случи дури во 2027 година, на 30-годишнината од смртта на нивната мајка.
Хари, сепак, има свој семеен начин на одбележување на годишнината од смртта на мајка му. Тој неодамна откри дека со Меган, Арчи и Лилибет прават лимонова торта на нејзиниот роденден и на годишнината од нејзината смрт. За него, тоа е семејна традиција со која децата ја запознаваат баба си која никогаш немале можност навистина да ја запознаат.