ЖЕРАР ДЕПАРДЈЕ ПОВТОРНО ПРЕД СУД ЗА СИЛУВАЊЕ Славниот актер би можел да заглави зад решетки дури 20 години
Францускиот актер ќе мора да се соочи со обвинение за силување на актерката Шарлот Арнулд во 2018 година. Ако биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна од 15 до 20 години.
Парискиот апелациски суд ја одби жалбата на адвокатите на Жерар Депардје, со што е потврдено дека актерот ќе мора да се соочи со судење за наводно силување на Шарлот Арнулд. Одлуката беше донесена во четвртокот, 26 ноември, а судот одлучи постапката да се однесува само на еден од двата наводни инцидента.
Обвиненијата се однесуваат на август 2018 година, кога Арнулд имала 22 години. Според нејзиниот исказ, таа го посетила домот на Депардје во Париз за да разговараат и да се подготвуваат за театарска претстава. Подоцна пријавила дека актерот сексуално ја нападнал.
Арнулд тврдела дека нападите се случиле на 7 и 13 август истата година. Сепак, по најновата судска одлука, Депардје ќе одговара само за наводниот инцидент од 7 август. Обвинението за вториот настан е отфрлено.
Актерот од почетокот ги негира обвиненијата и тврди дека не сторил кривично дело. Неговата одбрана ја оспоруваше одлуката за судење, доведувајќи го во прашање постоењето докази што би ги потврдиле наводите на тужителите. Депардје сега ќе има можност да ја изнесе својата одбрана пред судот.
Адвокатката на Арнулд, Карин Дирије Дибол, изјави дека нејзината клиентка почувствувала олеснување по одлуката и дека е подготвена за судењето што го чека со години. Датумот на почетокот на процесот сè уште не е објавен.
Новиот судски процес доаѓа по друга пресуда против францускиот актер. Во мај 2025 година, судот го прогласи за виновен за сексуален напад врз две жени кои работеле на снимањето на филмот „Les Volets verts“ од 2021 година, во режија на Жан Бекер.
За тој случај доби 18 месеци затворска казна условно. Во средината на ноември ја повлече жалбата на пресудата, со што ја прифати нејзината правосилност. Потоа објави и јавно извинување, во кое призна дека неговото однесување, вулгарните шеги и постапките на филмските снимања можеле да повредат други луѓе.
– На филмските снимања долго време се криев зад провокациите и грубиот хумор. Верував дека моите зборови и некои мои постапки немаат последици – рече актерот, додавајќи дека е свесен за одговорноста што ја носи човек со неговото влијание.
Депардје е предмет и на истрага по пријава поднесена во мај 2025 година од друга актерка, која го обвинува за наводно силување и сексуален напад за време на снимањето на филмот „Thalasso“ од 2018 година. Во тој случај се споменува и писателот Мишел Уелбек, кого го поврзуваат со наводно учество. Станува збор за посебна постапка, а наводите допрва треба да добијат судски епилог.
Депардје со децении беше едно од најпрепознатливите имиња на француската кинематографија, со повеќе од 200 филмски улоги и бројни меѓународни признанија. Сепак, последните години неговата кариера е засенета од серија сериозни обвиненија и судски постапки.
Судењето за случајот на Шарлот Арнулд може да биде едно од најзначајните поглавја во долгогодишната правна битка.