ЖЕНАТА ЗАД ЖЕСТОКИТЕ ОБЈАВИ НА ТРАМП Му носи реакции, а тој одлучува што ќе се објави
Натали Харп, долгогодишна помошничка на Доналд Трамп, е една од клучните личности зад неговите објави на Truth Social, пишуваат американските медиуми. Во Белата куќа ја нарекуваат „човечки печатач“, а таа тврди дека претседателот на САД ѝ го спасил животот.
Долгогодишната соработничка на претседателот на САД Доналд Трамп, Натали Харп, според американските медиуми има клучна улога во неговата медиумска машинерија и во објавувањето на пораки на Truth Social.
Според „Волстрит журнал“, 34-годишната помошничка секојдневно собира реакции, коментари и снимки од екранот од поддржувачи на Трамп, а потоа му ги носи испечатени за преглед. Откако ќе добие одобрение, таа ги објавува на неговиот профил, често доцна навечер или за време на викенди и празници.
„Човечкиот печатач“ на Трамп
Натали стекнала репутација на една од најлојалните личности во кругот на Трамп. Според американските медиуми, таа дури носела лаптоп и печатач за физички да му покажува позитивни статии, пораки и реакции, поради што го добила прекарот „човечки печатач“.
– Таа ги држи сите во добро расположение, а најважно е што го држи претседателот во добро расположение – изјавил поранешниот лекар на Белата куќа, Рони Џексон.
Според извори за „Волстрит журнал“, Харп стоела и зад дел од најконтроверзните објави на Трамп, меѓу кои и фотографијата генерирана со вештачка интелигенција на која бил прикажан како Исус.

„Ти си сè што ми е важно“
Харп станала позната во конзервативните кругови по говорот на Републиканската конвенција во 2020 година, кога изјавила дека политиките на Трамп ѝ помогнале во борбата со рак на коски.
Во писма што, според американските медиуми, му ги испраќала на Трамп, таа го нарекувала свој „Старател и Заштитник“.
– Ти си сè што ми е важно – наводно напишала Харп во едно од писмата.
Во Белата куќа не сакаат да откриваат детали за начинот на кој функционира профилот на Трамп, но признаваат дека Truth Social е главниот канал преку кој претседателот на САД ги испраќа своите директни пораки до јавноста.