ЖЕЛЕЗНИЦАТА СЕ МЕНУВА ОД КОРЕН Николоски најави нови возови и милионски инвестиции
Со грант од Светска банка започнува нова фаза на реформи во МЖ Транспорт. Николоски најави раст на карго сообраќајот, набавка на возови и крупни инвестиции во железничката инфраструктура во Македонија.
Владата има јасна визија за целосна трансформација на железничкиот сообраќај во земјава, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на потпишувањето на Договорот за грант со Светска банка, вреден еден милион евра.
Според Николоски, од претпријатија на раб на пропаст, железницата денес бележи раст и постепено заздравување.
– Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст на број на патници и крупни инвестиции во изградба на нови пруги. Водиме политика на развој на железницата како срцевина на економијата – изјави Николоски.
Тој додаде дека средствата од Светска банка ќе бидат насочени кон реформа и преструктурирање на МЖ Транспорт со цел создавање функционално и одржливо претпријатие.
– Најпрво направивме законски измени со кои практично го зачувавме претпријатието, бидејќи претходните одлуки значеа негова ликвидација. Потоа започнавме сериозна внатрешна реформа и веќе се гледаат резултати – годинава имаме позитивни бројки во првите четири месеци, со раст и на патничкиот и на карго сообраќајот – рече министерот.
Николоски информираше дека паралелно со реформите се работи и со Европската Унија во рамки на Планот за раст, кој предвидува трансформација на железничките претпријатија.
Тој најави и голем инвестициски циклус во обновување на возниот парк и инфраструктурата.
– Покрај овој проект, работиме и на набавка на нови возови и електрични локомотиви. Веќе се потпишани договори со други финансиски институции, а планираме набавка на најмалку пет електрични локомотиви – истакна Николоски.
Во делот на инфраструктурата, министерот посочи дека во завршна фаза е првата линија на Градскиот воз, а во тек се подготовки за нови линии.
– Оваа година очекуваме тендер за втората линија од Илинден до новата железничка станица, како и за третата линија од Ѓорче Петров. Проектите треба да бидат завршени до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година – додаде тој.
Според Николоски, се работи и на клучните железнички коридори, вклучително и Коридорот 8 и поврзувањето со Бугарија и Албанија.
– Имаме јасна визија за целосна модернизација на железницата. Првата делница кон Бугарија веќе е ставена во функција, на втората се работи, а за третата е во тек тендерска постапка – изјави министерот.
Тој ја истакна и поддршката од Светска банка, заблагодарувајќи се за континуираната соработка во реформите на железничкиот сектор.