🎥📷 ЗЕМЈОТРЕС, ЛАВИНА И ОДРОН, БЛОКИРАНА РЕКА, ПА БИБЛИСКИ ПОТОП! Како дојде до невидената катаклизма во Непал
Водениот бран и огромните количества кал и камења ја опустошија долината на реката Бхоте Коши, однесоа куќи, патишта, мостови и хидроенергетски објекти. Во Непал досега се потврдени најмалку 95 жртви, додека 403 лица се водат како исчезнати.
Земјотрес во Хималаите, проследен со огромна лавина од мраз и карпи, најверојатно го започнал синџирот на настани што во средата предизвика катастрофална поројна поплава долж границата меѓу Непал и Тибет. Водениот бран и огромните количества кал и камења ја опустошија долината на реката Бхоте Коши, однесоа куќи, патишта, мостови и хидроенергетски објекти, а стотици луѓе се водат како исчезнати. Во Непал досега се потврдени најмалку 95 жртви, додека 403 лица се водат како исчезнати. Со жртвите во кинескиот дел на Тибет, бројот на загинатите во катастрофата достигна најмалку 98.
Катастрофата почнала во високите предели
Првичните наоди упатуваат на тоа дека катастрофата започнала високо во планинскиот предел на тибетската страна од границата. Според реконструкцијата на настанот, земјотресот предизвикал лавина од мраз и карпи која се урнала во реката Лхенде Кхола. Огромната маса материјал го нарушила природниот тек на реката и можеби привремено го блокирала, по што дошло до нагло ослободување на насобраната вода. Таа се слеала во Бхоте Коши и создала разорен бран што за кратко време се спуштил низ долината.

Сепак, точниот механизам сè уште не е целосно потврден. Една од можностите што ја разгледуваат експертите е и таканаречениот ГЛОФ, односно ненадејно излевање на глацијално езеро. Во таков случај, водата што се насобрала зад природна ледена или карпеста преграда може одеднаш да се ослободи и да создаде огромен пороен бран. Непалските експерти предупредуваат дека за утврдување на точната причина ќе бидат потребни дополнителни теренски истражувања и анализа на сателитски снимки.
Водата и калта однесоа сѐ пред себе
Без оглед на точниот механизам, последиците беа катастрофални. Поплавниот бран ја погодил областа Расува, во северниот дел на Непал, во близина на границата со Кина. Водата и калта со огромна брзина се движеле низ долината на Бхоте Коши, носејќи со себе автомобили, куќи и делови од инфраструктурата. Уништени или тешко оштетени се патишта, мостови и хидроцентрали, а одредени населени места останале отсечени од остатокот од земјата.
Особено загрижува фактот што во погодениот регион во моментот на несреќата имало голем број туристи и верници. Непалскиот туристички одбор објави дека меѓу 403-те исчезнати лица има 341 странски државјанин. Меѓу нив се туристи и аџии од повеќе земји, од кои дел патувале кон светото место Каилаш во Тибет. Пријавени се исчезнати државјани на Индија, САД, Австралија, Велика Британија, Канада, Јужна Кореја, Малезија и други земји.

Огромен број мртви и изчезнати
Поплавата предизвика големи проблеми и на кинеската страна од границата. Во областа Ѓиронг во Тибет, одрон од кал предизвикал дополнителни жртви и разурнувања. Кинеските власти соопштија дека најмалку тројца луѓе загинале, а 265 се водат како исчезнати. Така, катастрофата ги погоди двете страни на границата, иако најголемиот број жртви досега е регистриран во Непал.
Спасувачките екипи веднаш започнаа потрага по исчезнатите, но операцијата е исклучително тешка. Голем дел од патиштата се уништени или затрупани со кал и камења, додека насобраниот нанос го отежнува движењето и слетувањето на хеликоптери. Непалската армија и полицијата се вклучени во спасувањето, а Кина испрати стотици спасувачи во погодениот пограничен регион. Помош понудија и други земји чии државјани се водат како исчезнати.
Опасноста не е помината, има повеќе блокирани водотеци!
Дополнителна опасност претставува можноста за ново излевање на реката. Спасувачките служби предупредија дека во горниот тек на Лхенде Кхола постои уште едно блокирање, поради што се следи нивото на водата и се повикува населението долж речниот тек да се оддалечи од бреговите. Предупредувања за можни поплави се издадени и за делови од соседна Индија.
Хималаите се регион многу ранлив и подложен на проиродни катастрофи. Научниците предупредуваат дека забрзаното топење на глечерите и климатските промени го зголемуваат ризикот од нестабилност на планинските падини и од ненадејно празнење на глацијалните езера. Но, во конкретниот случај, научниците сè уште ги утврдуваат точните врски меѓу земјотресот, лавината, евентуалното пукање на глацијалното езеро и огромниот пороен бран што го погоди Непал.

Потврдени 95 загинати, но бројката ќе расте
Билансот на катастрофата, според најновите достапни податоци, е најмалку 95 загинати во Непал и уште тројца во Тибет, додека стотици луѓе остануваат исчезнати. Бидејќи спасувачките екипи сè уште не успеваат да стигнат до сите погодени подрачја, властите очекуваат билансот да се менува во наредните часови.