📽️ ЗАЛОЖНИЧКАТА ДРАМА ВО БЕРЛИН НЕ ЗАВРШУВА Полицијата повеќе од 10 часа преговара со киднаперот

Специјални полициски преговарачи воспоставија контакт со киднаперот, но германските власти сè уште не го откриваат неговиот мотив ниту евентуалните барања.

0

Заложничката драма во супермаркет во Берлин влезе во 11-ти час, а германската полиција и натаму со максимална претпазливост се обидува да ја разреши кризата без жртви.

Според најновите информации што ги соопштија германските власти и полицискиот портпарол Штефан Петерсен-Шуман, специјално обучени полициски преговарачи успеале да воспостават директен контакт со киднаперот, а разговорите се во тек.






Од полицијата, од тактички причини, не откриваат детали за преговорите, ниту за евентуалните барања на напаѓачот.

Во моментов нема официјална потврда дали жената која се наоѓа во заложништво или самиот напаѓач се повредени, ниту дали тие претходно се познавале.

Мотивот за заложничката драма сè уште останува непознат, а германската полиција соопшти дека засега нема информации што би укажале на причините за нападот.

Во меѓувреме, германскиот весник Билд објави дека менаџерот на супермаркетот пријавил оти видел огнено оружје кај напаѓачот. Сепак, полицијата не ги потврдува овие информации и ги оценува како непроверени шпекулации.

Околу супермаркетот е воспоставен широк безбедносен периметар, а специјалните полициски единици (SEK) целосно ја контролираат областа. Во текот на утринските часови припадници на специјалните сили користеле скали за да добијат подобар увид во внатрешноста на објектот преку прозорците.

Пред полицискиот кордон и натаму чекаат дел од вработените кои успеале навреме да го напуштат супермаркетот, додека ја следат разврската на драмата.

Како што пренесува германската новинска агенција ДПА, операцијата нема однапред утврден рок, а полицијата ќе продолжи да постапува внимателно, со цел безбедно ослободување на заложничката и завршување на кризата без дополнителни последици.

Поврзани содржини