ЗА ПРОЛИВ И МАЧНИНИ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ ПРЕПОРАЧУВА ВООБИЧАЕНАТА ДИЕТА Нема веќе строго придржување до банани, ориз, тост и пире од јаболка?
Иако со децении се сметаше за прва помош при стомачни тегоби, лекарите предупредуваат дека ограничениот режим на BRAT-диетата (банани, ориз, пире од јаболка и тост), може дури и да го забави закрепнувањето
Популарната БРАТ-диета, која со децении се препорачуваше како прва помош при дигестивни проблеми, сè повеќе ја губи популарноста меѓу стручњаците. Иако долго време се сметаше дека оваа исхрана е еден вид „чудотворен лек“ за мачнина, повраќање и пролив, поновите сознанија покажуваат дека овој некогаш фален режим можеби е повеќе мит отколку медицински оправдана препорака.
Современите медицински ставови нагласуваат дека нема цврсти научни докази кои би ја потврдиле нејзината ефикасност, а поради ограниченоста, диетата дури може да го забави закрепнувањето.
Што е всушност БРАТ-диета?
Името БРАТ е кратенка од четирите намирници кои се основа на овој режим: банани, ориз, пире од јаболка и тост. На англиски, BRAT – Bananas, Rice, Applesauce, Toast.
Концептот се темели на внесување блага и лесно сварлива храна со малку масти и растителни влакна, за која се сметало дека треба да помогне во смирување на дигестивниот систем во текот на ден или два.
Оваа диета ја развиле педијатри уште во 20-тите години на минатиот век, а голема популарност стекнала во 60-тите години како стандардна препорака за деца и возрасни со акутен гастроентеритис. Се верувало дека овие намирници го смируваат желудникот и ја намалуваат зачестеноста на столицата.
Сепак, на почетокот на 2000-тите медицинските стручњаци почнале да ја преиспитуваат нејзината ефикасност поради очигледните недостатоци во хранливите материи.