ЛАВИНА КРИТИКИ ЗА „ПАМЕТНИТЕ ОЧИЛА“ НА „МЕТА“ Идеални се за „шпионско“ снимање,  фрчат закани со тужби, трговците ја суспендираат продажбата

Паметните очила имаат вградена камера, повеќе микрофони, како и ВИ-асистент, па можат да снимаат, да фотографираат, да пуштаат музика и да се користат за телефонски повици. Досега се забалежани повеќе инциденти на нарушување на приватноста со помош на вакви очила.

1

Холандскиот синџир за оптика „Ханс Андерс“ на неодределено време ја суспендира продажбата на очилата со вештачка интелигенција и камера на компанијата „Мета“, поради сомнежите за ризици поврзани со приватноста.

Очилата, кои „Мета“ ги произведува во соработка со компанијата „Реј-Бан, се повлекуваат од продажба од физичките продавници и сајтот за онлајн трговија на „Ханс Андерс“.






Според компанијата, причината за ваквиот потег е „јавната и политичка дебата“ околу паметните очила, како и прашањата за „условите под кои може да се користи оваа технологија“. „Ханс Андерс“ информира дека сака „внимателно да почека“ и да види како ќе се одвива таа дебата и дали ќе се донесат некакви одлуки.

Претходно, компанијата ги продаваше овие очила во „ограничени количини“ и тие не беа достапни во сите продавници на ланецот. Цената на моделите на паметни очила со диоптриски стакла започнуваше од 499 евра.

Суспензија на продажбата на овие очила на „Мета“, претходно најави и холандскиот сајт за онлајн трговија „Вехкамп“, посочувајќи дека главна причина за тоа е „загриженоста за приватноста“.

Паметните очила на „Мета“ изгледаат како обични очила со диоптер или очила за сонце, но имаат вградена камера, повеќе микрофони и асистент што работи со вештачка интелигенција. Меѓу другото, тие можат да снимаат видеа, да фотографираат, да пуштаат музика и да се користат за телефонски повици. Очилата се достапни и со диоптриски стакла, поради што ги продаваат и оптичарите.

Кога камерата снима, се пали светло на предниот дел од очилата. Целта е на луѓето во близина да им се достави до знаење дека камерата е во употреба.

Токму тоа светло е една од темите за дискусија. Според организациите за заштита на потрошувачите, тоа светло е слабо видливо на силна сончева светлина или од поголемо растојание.

Организациите посочуваат и дека се достапни налепници со кои може да се покрие светлото и да се снима со нив и покрај тврдењата на „Мета“ дека кај поновите модели камерата се исклучува доколку светлото е покриено.

Снимените материјали потоа се испраќаат на телефонот на корисникот преку соодветна апликација. Но, според здруженијата на потрошувачите, сите фотографии и видеа завршуваат и кај самата „Мета“, матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп.

Досега во Холандија се регистрирани неколку инциденти со паметни очила. Во текот на летото со такви очила без дозвола беа снимени жени на плажата во Зандворт. Тие снимки потоа беа споделени во приватна група на апликацијата за пораки „Телеграм“. На еден фестивал во Ротердам, пак, маж снимал жени во близина на тоалетите користејќи такви очила.

Кон крајот на септември, холандското Здружение на потрошувачи ѝ испрати на „Мета“ официјална опомена пред тужба, давајќи ѝ рок до 13 октомври да ги усогласи очилата со законите за приватност. Ова Здружение подолго време се залага за забрана на овие очила на европско ниво.

Исто така, холандскиот Центар за експертиза за онлајн злоупотреба „Офлимитс“ и новинарската платформа „Фајрвол“ побараа од „Мета“ и од матичната компанија на брендот „Реј-Бан“, „Есилор Луксотика“ да ги повлечат паметните очилата од продажба сè додека тие можат да се користат за тајно снимање. И тие на „Мета“ ѝ даваат рок до 13 октомври за спроведување на нивното барање или, во спротивно се закануваат со тужба по скратена постапка.

Во Германија, една група за заштита на човековите права покрена судска постапка со барање за забрана на смарточилата, а францускатта Национална комисија за информатика и слободи (ЦНИЛ), тело задолжено за заштита на податоци, уште во јуни предупреди на ризиците поврзани со овие очила.

Отпор кон ваквите очилата постои и во секторот за одбрана, но засега повеќето европски земји се воздржуваат од нивна забрана, очекувајќи реакција на ниво на ЕУ.

Во САД е во тек судска постапка покрената од потрошувачи, кои сметаат дека „Мета“ не ги исполнува своите ветувања во врска со заштита на приватноста.

Поврзани содржини