ЗА ДА НЕ БИДЕ БАКСУЗ, МИЛЕИ ЌЕ ГО СЛЕДИ ФИНАЛЕТО ОД ДОМА „Гаучосите“ ќе бараат „спас“ во Библијата

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи нема да отпатува на финалето со Шпанија поради старо суеверие. Дел од навивачите, пак, ќе го повторуваат ритуалот со читање на Библијата, кој го поврзуваат со пресвртот против Египет.

0

Буенос Аирес не живее само за финалето со Шпанија. Деновиве низ Аргентина повторно оживеаја старите фудбалски ритуали, од претседателски суеверија до навивачи кои веруваат дека читањето на Библијата носи среќа за „гаучосите“.

Претседателот на Аргентина Хавиер Милеи потврди дека нема да отпатува во Њу Џерси за да го следи финалето на Светското првенство. Наместо на стадион, натпреварот ќе го гледа од претседателската резиденција во Оливос, убеден дека така не ја нарушува традицијата која во Аргентина трае повеќе од три децении.






„Никако нема да одам“

Суеверието потекнува од Мундијалот во 1990 година. Тогашниот претседател Карлос Менем ја посетил репрезентацијата непосредно пред шокантниот пораз од Камерун на отворањето на турнирот.

Оттогаш, во аргентинската јавност се вкоренило верувањето дека присуството на претседател на натпреварите носи несреќа. Менем дури бил прогласен за „муфу“, популарен аргентински израз за човек кој носи малер.

– Никако. Ќе продолжам да ги гледам сите натпревари од Оливос – изјавил Милеи.

Аргентинскиот претседател открил и личен ритуал кој не планира да го прекрши пред финалето.

– На денот на натпреварот со Швајцарија ми стана топло и го соблеков капутот. Веднаш примивме гол. Повторно го облеков и оттогаш не го соблекувам – рекол Милеи.

Фудбалерите ќе бараат „спас“ во Библијата

Суеверијата не завршуваат со претседателот. Илјадници аргентински навивачи се држат до свои ритуали, носат исти дресови, седат на истото место пред телевизор или одбиваат да менуваат навики додека репрезентацијата победува.

Особено внимание привлече видео кое стана вирално за време на Мундијалот. Група навивачи почнала да ја чита Библијата токму во моментот кога Аргентина го свртела резултатот против Египет во осминафиналето.

Откако репрезентацијата победила со 3-2, навивачите решиле истиот ритуал да го повторуваат пред секој следен натпревар, верувајќи дека токму тој носи среќа на патот кон светската титула.

Латинска Америка одамна е позната по силната врска меѓу фудбалот и суеверијата, но во Аргентина тие често добиваат речиси митски размери.

Поврзани содржини