ВОДАТА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ Е БЕЗБЕДНА ЗА ПИЕЊЕ Градоначалникот Владев уверува дека нема место за вознемиреност
Водата во Свети Николе е безбедна за пиење, соопшти денеска градоначалникот Дејан Владев.
По целосното санирање на дефектот на водоводната мрежа, согласно утврдените процедури, беа земени контролни примероци од повеќе мерни места за испитување на квалитетот и здравствената исправност на водата.
„Со задоволство ве информираме дека резултатите од две последователни анализи потврдија дека водата од испитаните мерни места е здравствено исправна и безбедна за пиење. Во рамки на контролата се опфатени и сите државни институции и објекти од особено значење, со цел да се обезбеди целосен и релевантен увид во состојбата со квалитетот на водата.
Во моментов се очекува резултатот од анализата за мерното место „Св. Лидија“, односно потегот од Св. Лидија до Парк, кој опфаќа и пет куќи. Веднаш по добивањето на официјалниот резултат, јавноста ќе биде информирана и за овој дел од водоводната мрежа.
Ги уверуваме граѓаните дека контролата и следењето на квалитетот на водата продолжуваат, со цел да се обезбеди максимална сигурност и заштита на здравјето на населението. Нема причина за вознемиреност. Сите активности се преземаат одговорно, навремено и транспарентно, а граѓаните ќе бидат информирани за секој нов резултат и евентуална препорака“, соопшти градоначалникот.