УКИМ ТОНЕ СЀ ПОДЛАБОКО, МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ СЕ НЕВИДЛИВИ ВО СВЕТОТ Нема ниту еден на листата Глобал 2000
Центарот за рангирање на светски универзитети ги оценува универзитетите врз основа на 4 критериуми: квалитет на образование, вработливост на дипломираните студенти, квалитет на наставниот кадар и истражувачка работа.
Нема ниту еден македонски универзитет на новата листа Глобал 2000, објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети. Оваа листа е составена со анализа на над 80 милиони податоци.
Најдобро пласиран од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград, кој е на 393-то место. Универзитетот во Љубљана е на 444-то, а Свеучилиштето во Загреб на 522-то место.
На листата Глобал 2000 има уште три универзитети од Србија и тоа Универзитетот во Нови Сад, кој е рангиран на 1.136 место, Универзитетот во Крагуевац на 1.549 место и Универзитетот во Ниш на 1.886 место.
Од Хрватска, покрај загрепскиот на листата се уште и Универзитетот во Сплит, кој е на 953-та позиција и Универзитетот во Риека, на 1.658-та.
Од Словенија на листата се најде и Универзитетот во Марибор – на 1.293-то место од вкупно 2.000 најдобри во светот.
Топ 10 рангирани универзитети во светот оваа година се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго. Од нив, дури 8 се во Соединетите Американски Држави, а 2 се во Обединетото Кралствво – Кембриџ и Оксфорд,
Центарот ги оценува универзитетите врз основа на 4 критериуми, без да се потпира на анкети или податоци обезбедени од самите универзитети: квалитет на образование (25 проценти), вработливост на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на наставниот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).
За рангирањето оваа година се анализирани 81 милион податоци, врз основа на конкретни резултати.
Харвард, Стенфорд и МИТ се меѓу најцитираните универзитети во светот.
Кина има 360 универзитети во првите 2.000.
Јапонија има 102 универзитети на листата, предводени од Универзитетот во Токио, кој е на 13-то место.
Обединетото Кралство има 89 институции во првите 2.000. Кембриџ е најдобро рангиран јавен универзитет во светот 13-та година по ред.
Франција има 71 претставник на листата, а најдобро рангираната институција е Универзитетот ПСЛ, кој е на 20-то место.
Русија, предводена од Московскиот државен универзитет на 264-то место, има 42 универзитети во првите 2.000.