„ТВИТОВИТЕ НА ТРАМП СЕ СМЕШНИ, ОСТРОВОТ ХАРГ НЕ Е НАПАДНАТ“ Иран го демантира американскиот претседател
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека „Иран не бара војна, но никогаш нема да седи со скрстени раце пред каква било агресија“.
Нафтените постројки на иранскиот остров Харг продолжуваат да работат, изјави денеска генералниот директор на иранската Национална нафтена компанија, Хамид Боварди, отфрлајќи ги тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека клучниот ирански нафтен центар е целосно уништен.
– Твитовите на Трамп се смешни, а ситуацијата на Харг е мирна и вообичаена – изјави Боварди за иранската државна новинска агенција.
Тој потсети дека американските и израелските сили во минатото неколкупати го бомбардирале островот, од каде излегува 90 отсто од иранската нафта за извоз, но и тогаш работните активности не биле прекинати ниту за момент.
„Во моментов се обновуваат и модернизираат резервоарите за складирање на нафта и пристаништата“, прецизираше Боварди.
Во меѓувреме, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека „Иран не бара војна, но никогаш нема да седи со скрстени раце пред каква било агресија и ќе даде решителен одговор на агресорите“ – објавија иранските медиуми.
Пезешкијан денеска патува за Киргистан на 26-от самит на Шангајската организација за соработка.
– Нестабилноста и немирите во регионот не се во интерес на ниту една земја и ќе бидат предизвик за сите. Затоа, мора да ги здружиме силите и да работиме на обезбедување на безбедноста, економијата и развојот на регионот – рече претседателот Пезешкијан.
🎥 ИРАНСКИОТ ОСТРОВ ХАРГ Е „РАЗБИЕН НА ПАРЧИЊА“!? Трамп објави видео-снимка, но дали е вистинска?