ТРАМП ГИ ОЛАБАВИ САНКЦИИТЕ, МОСКВА ГО ЗГОЛЕМУВА ИЗВОЗОТ НА ДИЗЕЛ Зеленски предупредува дека Русија не сака примирје

Рускиот вицепремиер Александар Новак најавува можност за извоз до 3,5 милиони тони дизел месечно до крајот на годината, додека привременото укинување на американските санкции предизвика критики и од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

0

Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел и до крајот на годинава да испорачува меѓу три и 3,5 милиони тони месечно, со што би ги надминала количините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп во рамки на договорот со Москва.

Трамп во петокот објави дека Русија се согласила да ги снабдува светските пазари со дизел, по што неговата администрација привремено ги укина американските санкции за руското гориво, воведени со цел да се ограничат приходите на Москва за финансирање на војната во Украина.






– Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, но Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел. До крајот на годината извозот би можел да достигне од три до 3,5 милиони тони месечно, со што би се вратил на нивото пред кризата – изјави синоќа рускиот вицепремиер Александар Новак.

Рускиот извоз на дизел нагло се намали по украинските напади врз руските рафинерии за нафта, како и по ограничувањата што Москва ги воведе за продажба на горивото во странство. Пред Украина да започне серија напади со беспилотни летала врз руските рафинерии во 2024 и 2025 година, рускиот извоз на дизел надминуваше три милиони тони месечно.

И покрај ограничувањата за извоз, Русија продолжи да снабдува одредени земји со дизел, главно во Централна Азија, врз основа на меѓудржавни договори. Според индустриски извори, рускиот извоз на дизел во земјите од Централна Азија минатиот месец изнесувал 427.000 тони.

Растот на цените на дизелот во САД ги погодува американските камионџии и земјоделците, а истовремено предизвикува загриженост кај гласачите и политичките партии во пресрет на изборите за Конгресот, закажани за 3 ноември, на средината од претседателскиот мандат.

Претставници на администрацијата на Трамп минатиот петок им соопштиле на украинските претставници дека договорот за рускиот дизел е дел од напорите Москва да се врати на преговарачката маса. Тоа следува по неуспехот на претходните обиди за започнување трајни преговори за завршување на војната.

Договорот предизвика остри реакции кај дел од американските законодавци, кои сметаат дека со него на Москва ќе ѝ се обезбедат средства за продолжување на војната, без рускиот претседател Владимир Путин да биде принуден да направи отстапки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше договорот, оценувајќи го како отстапување од долгогодишната западна политика насочена кон изолирање на руската економија.

Зеленски синоќа изјави дека руските напади врз најмалку шест енергетски објекти, во рамки на последниот бран смртоносни воздушни напади низ Украина, покажуваат дека Москва не е заинтересирана за енергетско примирје.

Поврзани содржини