ТОДОР ПЕТРОВ ПРИМА СМРТНИ ЗАКАНИ НА ФЕЈСБУК, БАРА МВР ДА РЕАГИРА „Извесен Драган Влав сака да ми ја скрши главата“
Заканувачот ја објавил заканата на својот профил, како реакција на колумна на Петров со наслов „Чавишоглу контра Филипче“.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров објави дека добива смртни закани на Фејсбук од профил под име Драган Влав и бара од Министерството за внатрешни работи да го испита случајот.
„Верувале или не на 55 (педесет и пет) години желба ми е на Тодор Петров некогаш и некаде да му ја скршам главата“ – напишал јавно заканувачот на својот профил, како реакција на колумна на Петров со наслов „Чавишоглу контра Филипче“.

Петров наведува дека и претходно имал закани, па дури и физички напади поради неговите политички активности, особено поради иницијативите за поставување крстови на различни локации.
„За крстот во Аеродром добивав смртни закани од „борци” на ИСИС од Македонија, дури од Сирија. Бев физички нападнат за крстот во Бутел, по мене маваа 17 луѓе, го затворивме тој случај, им простив на сторителите. Подоцна, повеќе „наши“ се ситеа заради физичкиот напад врз мене, отколку „другите“. Има некои кои и денес се закануваат“ – пишува Петров.

Тој е особено огорчен што под обајвата на заканувачот има повеќе коментари кои јавно ја поддржуваат неговата намера, и посакуваат „да му се исполни желбата да му ја скрши главата на Тодор Петров“. Петров во својата објава ги наведува сите нивни имиња и презимиња.
„Овие ментално болни души, би биле во прв ред да има јавна клада, на која живи би се гореле неистомисленици како во времето на инквизицијата. А сигурно се членови и на некои политички партии. Еден Заев пред да дојде на власт јавно се закануваше дека ќе јаде живи луѓе. Тоа е таа ментална матрица“ – пишува Петров, и го повикува МВР „да се позанимава“ со овој случај на време.
„Животот крие многу скриени убијци, еве еден со декларирана намера, законот треба да го смести на време таму каде што му е местото“ – пишува претседателот на СМК Тодор Петров.