🎥СТРАОТНА ПОПЛАВА ЗБРИША СЕЛА ВО НЕПАЛ Властите стравуваат од голем број жртви

Жителите што живеат по бреговите на реката Бхоте Коши се повикани да се засолнат на повисоки места.

71

Силна ненадејна поплава го погоди хималајскиот регион на Непал, по должината на границата со Тибет, каде што водата однесе села и сериозно оштети патишта, мостови и енергетски проекти. Властите предупредија дека се можни многу човечки жртви.

Официјалните лица велат дека најтешко погодени области се Сјапру Беси и Тимуре во планинскиот округ Расува, каде што живеат околу 50.000 луѓе. Жителите што живеат по бреговите на реката Бхоте Коши се повикани да се засолнат на повисоки места.






– Имаме извештаи за уништени села и градилишта на инфраструктурни проекти – рече администраторот на округот Нарендра Паријар.

Тој додаде дека може да има многу жртви и голема материјална штета, но дека во моментов не може да го потврди ова.

Министерството за водни ресурси на Непал соопшти дека хидроцентралите, патиштата и мостовите се меѓу оштетената инфраструктура. Поради овие штети, снабдувањето со електрична енергија е прекинато во погодената област.

Премиерот Балендра Шах потврди дека спасувачките екипи, полицијата и војската се испратени на терен за да обезбедат помош.

– Издадени се упатства за преместување на луѓето од ниските подрачја на безбедно место. Им советуваме на жителите покрај реката да бидат исклучително внимателни – рече Шах.

Причината за поплавата сè уште не е јасна.

Се потсетува дека минатогодишната смртоносна поплава на истата река беше предизвикана од излевање на ледничко езеро.

Реката Бхоте Коши извира во Тибет и се влева во реката Тришули во Непал, која се влева во Индија како река Гандак.

Девет лица загинаа во поплавувањето на реката Бхоте Коши минатата година, додека 24 сè уште се водат како исчезнати. Потоа беше уништен и Мостот на пријателството што ги поврзува Непал и Кина, што ја блокираше трговијата и сообраќајот неколку месеци. Регионалната агенција за следење на климата објави дека катастрофата е предизвикана од излевање на супраглацијално езеро во Тибет.

Поврзани содржини