СТАРМЕР ПОТПИША НОВИ ДОГОВОРИ СО ЕУ, СЕ ТОПАТ ЛЕДОВИТЕ НА БРЕГЗИТ Велика Британија доби пристап до европскиот одбранбен фонд
Британскиот премиер Кир Стармер порача дека е време да се сврти нова страница, да се остават настрана старите расправии и политички конфликти, и да се бараат практични и разумни решенија што ќе бидат од корист за британските граѓани. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додаде дека денешната порака до светот е јасна: во време на глобални предизвици и сериозни закани по Европа, земјите од континентот стојат заедно и си даваат поддршка.
Владата на Велика Британија денеска соопшти дека склучила нови договори со Европска Унија за зајакнување на соработката во одбраната, за олеснување на трговијата со храна и олеснување на граничните проверки.
Договорите се склучени на денешниот Самит во Лондон, на кој британскиот премиер, Кир Стармер, се сретна со претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Стармер наведе дека договорите ќе ја намалат бирократијата, ќе ја поттикнат економијата на Велика Британија и ќе ги обноват врските со ЕУ откако Обединетото Кралство излезе од Унијата во 2020 година.
Што вклучуваат договорите?
Според договорите, новото партнерство за одбрана и безбедност помеѓу Велика Британија и ЕУ ќе овозможи Лондон да има пристап до програмата за заем за одбрана на ЕУ од 150 милијарди евра.
Другите договори вклучуваат отстранување на некои проверки на животински и растителни производи за олеснување на прекуграничната трговија со храна и 12-годишно продолжување на договорот што им дозволува на рибарските бродови на ЕУ да влезат во водите на Велика Британија.
Нова ера во односите меѓу ЕУ и Велика Британија
– Време е да гледаме напред. Да ги оставиме настрана старите дебати и политички битки и да најдеме разумни, практични решенија што се најдобри за британскиот народ – посочи Стармер по првиот Самит на Велика Британија – ЕУ што се одржа во Лондон.
Британскиот премиер изјави дека потпишувањето нов договор за одбрана и за трговија со ЕУ означува нова ера во нивните односи по Брегзит.
– Ова е првиот Самит помеѓу Велика Британија и ЕУ. Означува нова ера во нашите односи и сите имаме корист од овој договор – посочи тој.
Стармер оцени дека договорите ќе ја намалат бирократијата, ќе ја поттикнат економијата на Велика Британија и ќе ги обноват врските со ЕУ откако Обединетото Кралство излезе од Унијата во 2020 година.
„Земјите во Европа си помагаат во време на глобална нестабилност“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека договорите – објавени на Самитот помеѓу ЕУ и Велика Британија – испраќаат порака дека земјите во Европа се поддржуваат и си помагаат едни со други.
– Пораката, што ја испраќаме до светот денеска, е дека во време на глобална нестабилност и кога нашиот континент се соочува со најголемата закана со генерации, ние во Европа се поддржуваме и помагаме едни со други – наведе Фон дер Лајен.
Според договорите, новото партнерство за одбрана и безбедност помеѓу Велика Британија и ЕУ ќе овозможи Лондон да има пристап до програмата за заем за одбрана на ЕУ од 150 милијарди евра.
Велика Британија по Брегзит забележа пад на извозот во ЕУ од 21 проценти.