📽️ СТАРА ГАРДА СО СТАРА ПЕСНА ВО НОВО РУВО… Џокси со Џафер и Дарио одбележува 50 години на музичката сцена
Џокси, Џафер и Дарио ја снимија песната „Љубовта е“ во нова верзија, која е дел од јубилејниот проект на Џокси, „50 години живот со музика“ .
Три добро познати имиња од македонската музика се најдоа заедно на сцената за да ѝ дадат поинаков звук на песната „Љубовта е“.
Џина Папас Џокси, Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски ги здружија гласовите и снимија нова верзија на композицијата, која е дел од јубилејниот проект на Џокси, „50 години живот со музика“ .
Песната датира од пред повеќе од две децении, а доби фестивалска изведба на „Макфест“ во 2018.година, но не во целосната верзија.
Имено, поради ограниченото времетраење на фестивалската изведба, од текстот биле изоставени две строфи. Во новата верзија тие се вратени, па композицијата конечно го добила обликот што Џокси го замислил уште кога ја создавал. Автор на текстот е Огнен Неделковски, музиката е на Џокси, а новиот аранжман го потпишува Валентино Скендеровски, во соработка со Томче Бојаџиески.
„Љубовта е“ од соло песна прерасна во изведба за три гласа. За Џокси, токму тоа е убавината на оваа соработка.
– Некои музички приказни не се мерат само со тиражи и хитови, туку со времето што го преживеале, со луѓето што ги однеле до целта и со искреноста што останува кога ќе се тргнат сите декорации – напиша Џокси заедно со објавата на песната на својот профил на Фејсбук.
Јубилејот на Џокси нема да заврши со оваа песна. Тој најави поголем концерт за април 2027 година, на кој планира да собере околу дваесет македонски пејачи и инструменталисти. Идејата е секој од нив да добие по една негова композиција и да ѝ даде сопствен музички печат, со што неговите песни ќе добијат нов живот.