Сопругата на Трудо е заразена со коронавирус, а претходно се дружела со Џејми Оливер, Луис Хамилтон, Идрис Елба… ФОТО
Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, Софи Грегори Трудо откри дека е заразена со коронавирусот непосредно откако држела говор на масовно посетен настан во Лондон.
Таа за време на посетата се поздравила и фотографирала со бројни познати личности вклучително и актерот Идрис Елба и шампионот на Формула 1, Луис Хамилтон.
Кај Софи првите симптоми од коронавирусот се манифестирале во Канада, неколку дена откако во Велика Британија присуствувала на настанот „We Day“ на Вембли.
Тоа бил масовно посетен настан за охрабрување на младите. Во публиката имало дури 18.000 луѓе, а Софи по својот говор имала близок контакт со други говорници, меѓу кои и познати актери и спортисти.
Некои од говорниците биле актерот Идрис Елба, славниот готвач Џејми Оливер, возачот на Формула 1 Луис Хамилтон, манекенката Адвоа Абоах и ѕвездата на серијата „Игра на тронови“ Гвендолин Кристи.
Многу политичари ширум светот изминатите денови пријавија дека се заразени со коронавирус или се наоѓаат во самоизолација откако биле во контакт со други заразени. Меѓу нив се австралискиот министер за внатрешни работи Питер Датон и заменик министерката за здравство на Велика Британија, Надин Дорис. Во Иран многу високи функционери починаа од оваа болест.
Според последните информации, сопругот на Софи, канадскиот премиер Џастин Трудо е здрав и нема никакви симптоми, но и тој ќе биде изолиран во наредните две недели.
ФОТО: Инстаграм/Принтскрин
ФОТО: EPA / VALERIE BLUM