СИНДИКАЛЕЦОТ ТРПЕ ДЕАНОВСКИ ЗЕМА ПЛАТА ОД 104.000 ДЕНАРИ За 14 месеци зел 30.000 евра, ССМ му служи како приватна банка
Во годишните примања на Трпе Деановски има 69 минимални плати, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Трпе Деановски од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијате на граѓани (УПОЗ) зема плата од 104.000 денари, додека со Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги лажат работниците за минимална плата, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
– Според информациите кои до нас пристигнаа од свиркачи од ССМ, Слободан Трендафилов, Трпе Деановски и другите функционери во ССМ го претвориле овој некогашен голем синдикат во своја приватна банка. Согласно информациите кои ги имаме, Трпе Деановски, покрај платата од 104.000 денари, остварува и други приходи, па кога ќе се пресмета на годишно ниво сумата која ја зема по разни основи достига вртоглави суми. Информациите говорат дека Деановски лани и во првите два месеци од оваа година земал вкупно над 1,8 милиони денари. Да добро слушате, 30 илјади евра за Трпе Деановски, додека вас ве лаже за минимална плата – вели Петрушевски.
Во годишните примања на Трпе Деановски има 69 минимални плати, додаде Петрушевски.
– Трпе Деановски за една година земал пари колку работниците кои ги лаже за минимална плата не можат да земат за 6 години. Тоа се синдикалците на батерии на Слободан Трендафилов, насадени на позициите од СДСМ, дебело платени да извршуваат партиски агенди. Народот и работниците ги прочитаа синдикалците на батерии како Слободан Трендафилов и Трпе Деановски – рече пратеникот Петрушевски.