ШВАЈЦАРЦИТЕ ЈА ПРЕИСПИТУВААТ НЕУТРАЛНОСТА Расте поддршката за соработка со НАТО
Нова анкета во Швајцарија покажува зголемена поддршка за соработка со НАТО и европските земји, додека традиционалната неутралност сè повеќе се доведува во прашање.
Резултатите од годишната анкета „Безбедност 2026“ покажуваат дека мнозинството Швајцарци сакаат интензивирање на соработката со земјите од НАТО и со европските соседи, а истовремено расте и бројот на граѓани кои ја преиспитуваат традиционалната швајцарска неутралност.
Според анкетата, 86 проценти од испитаниците се песимисти за состојбата во светот, што е за пет проценти повеќе во споредба со минатата година. Дури 83 проценти сметаат дека Швајцарија мора да има силна армија.
Во исто време, расте ставот дека националната армија сама по себе не може да ја гарантира безбедноста на земјата во случај на криза и дека е потребна зголемена соработка со НАТО и соседните држави. Повеќе од половина од испитаниците (53 проценти) се изјасниле за поблиска соработка со НАТО, што е највисоко ниво од 1993 година.
Сепак, мнозинството Швајцарци сè уште се против членство во НАТО, но бројот на поддржувачи е највисок досега – 31 процент.
Дури 85 проценти од Швајцарците ја поддржуваат неутралноста на земјата, но од почетокот на војната во Украина во 2022 година, поддршката е намалена од 97 проценти.
Резултатите покажуваат и дека 59 проценти сметаат дека армијата не може ефикасно да ја брани неутралноста на земјата.
Со 43 проценти испитаници, што е највисок досега, расте и ставот дека европски одбранбен сојуз би ѝ обезбедил на Швајцарија поголема безбедност отколку неутралноста.
Во анкетата, 78 проценти ја поддржуваат цивилната помош за нападната соседна земја, а 55 проценти сметаат дека треба да се испрати оружје на нападната држава.
Речиси една третина (31 процент) поддржуваат испраќање швајцарски војници во нападната земја во непосредна близина.
Истражувањето на јавното мислење „Безбедност 2026“ се спроведува секоја година од Швајцарската воена академија (MILAK) и Техничкиот факултет во Цирих (ETH Zurich).