ШТО ДА ПРАВИТЕ АКО ВЕ КАСНЕ ЗАЈАЧКАТА РИБА? Грчкиот Црвен крст излезе со препораки

По инцидентот во Пефкохори, каде туристка од Србија беше касната додека влегувала во морето, грчкиот Црвен крст објави упатства за итно постапување во случај на напад од зајачка риба.

432

Измијте, не користете антисептици, сопрете го крвавењето и веднаш побарајте доктор. Тоа се клучните работи на кои предупредува грчкиот Црвен крст по последниот инцидент на Пефкохори, каде зајачка риба касна туристка додека влегувала во морето.

Туристката успеала да излезе од морето, а луѓето на плажата веднаш ѝ помогнале да го запре крвавењето. Подоцна била пренесена во здравствен центар, каде примила серум против тетанус, антибиотска терапија и лекарска нега.






Што советува грчкиот Црвен крст?

По ваков инцидент, грчкиот Црвен крст препорачува:

  • раната веднаш да се измие со многу вода и сапун;
  • да не се користат антисептици без препорака од лекар;
  • да се изврши притисок врз раната со чист завој или крпа;
  • повредениот екстремитет да се држи подигнат ако има крварење;
  • што е можно побрзо да се побара лекарска помош.

Во итни случаи, граѓаните можат да се јават на бројот 166 или на европскиот број за итни случаи 112.

Силни вилици, остри заби, сериозни повреди

Зајачката риба, позната и како лагокефалос, последниве години сè почесто се појавува во грчките води. Станува збор за инвазивен вид кој пристигнал од Црвеното Море и е познат по исклучително силното каснување.

Научните извештаи бележат повеќе случаи на повреди во Грција, Турција, Кипар, Либија и Сирија.

Во еден од најсериозните документирани случаи, осумгодишно девојче во Турција претрпело тешки повреди на прстите по каснување од ваква риба.

Поголем ризик е ако се најде на трпеза

Експертите предупредуваат дека најголемата опасност не е каснувањето, туку консумирањето на рибата. Во нејзините органи се наоѓа тетродотоксин, силен нервен отров што може да предизвика парализа и сериозни здравствени последици.

Поради ширењето на овој вид во Средоземното Море, грчката влада неодамна воведе и финансиски поттик за рибарите.

За секој уловен килограм зајачка риба се исплаќаат 5,33 евра.

ЗАЈАЧКАTA РИБА КАСНА ЖЕНА НА ХАЛКИДИКИ Не ја пуштала додека жената очајно ја тресела ногата

 

Поврзани содржини