ШЕСТ ВОЗИЛА ЗАФАТЕНИ ОД ПОЖАР ВО БЛИЗИНА НА ВЕЛЕШКАТА АВТОБУСКА СТАНИЦА Се запалила сува трева покрај паркингот
Од ТППЕ Велес повторно упатија апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во услови на високи температури и сув вегетациски материјал.
Шест паркирани возила беа оштетени во пожар што денеска попладне избувна кај паркингот во близина на Автобуската станица во Велес, а поголема материјална штета е избегната благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес.
Дојавата во ТППЕ Велес била примена во 13:45 часот за запалено патничко моторно возило. По пристигнувањето на терен, пожарникарите утврдиле дека горела сува трева меѓу патот и паркингот, при што огнот зафатил и оштетил минимално шест возила.
На интервенцијата излегле едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Со брзото дејствување тие успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово проширување кон останатите возила.
Од ТППЕ Велес повторно упатија апел до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во услови на високи температури и сув вегетациски материјал.
Велешките пожарникари на својата фејсбук страна дополнително ги предупредија земјоделците од општините Велес, Чашка и Градско да не палат стрништа, а граѓаните да не палат сува трева, посочувајќи дека ваквите постапки во изминатиот период предизвикале повеќе пожари со последици по животната средина и објекти.