📽️ СЕ ВРАЌА ЛЕГЕНДАРНИОТ „БЕЈВОЧ“! Новите спасувачи влегоа во познатите црвени костими за капење

Култната серија за спасувачите на плажите добива нова верзија, со нова генерација актери и враќање на некои од добро познатите ликови. Премиерата е најавена за јануари 2027 година, а првите кадри веќе потсетуваат на препознатливите сцени од оригиналот.

0

Црвените костими за капење, спасувачките акции и трчањето по плажата во забавена снимка повторно се враќаат на малите екрани. Легендарната серија „Бејвоч“ („Baywatch“), која одбележа една телевизиска ера и ги прослави своите актери ширум светот, добива нова верзија. Телевизиската мрежа „Фокс“ го објави првиот трејлер, во кој се претставени новите спасувачи и дел од приказната што ќе ја следиме.

Во новата серија главната улога ја има Стивен Амел, кој го игра Хоби Бјукенон, синот на легендарниот спасувач Мич Бјукенон, кого во оригиналот го толкуваше Дејвид Хаселхоф. Хоби сега е капетан на новата екипа, но неговиот живот ќе добие неочекуван пресврт со појавувањето на неговата ќерка Чарли Вејл, која ја игра Џесика Белкин.






Чарли сака да тргне по стапките на татко си и да стане спасувач. Меѓутоа, Хоби е загрижен за неа, бидејќи знае колку опасна може да биде оваа работа. Така, покрај акцијата и спасувачките интервенции, новата серија ќе се занимава и со семејните односи, старите грешки и можноста за нови почетоци.

Во актерската екипа се и Шеј Мичел, Хаси Харисон, Тадеус ЛаГрон, Ноа Бек и Брукс Нејдер. На серијата ѝ се приклучува и гимнастичарката Ливи Дан, за која ова претставува чекор во актерскиот свет.

На плажата повторно доаѓаат познати лица

Обожавателите на оригиналната серија особено ќе ги израдува враќањето на Дејвид Чокачи, кој повторно ќе го игра Коди Медисон, и на Ерика Еленијак, која се враќа како Шони Меклејн.

Во новата приказна Коди управува со барот и ресторанот „Шорлајн“, но повремено повторно го облекува црвениот костим и се вклучува во спасувачките акции. Тој ќе има и улога на ментор на помладите спасувачи, поврзувајќи ја оригиналната екипа со новата генерација.

Оригиналниот „Бејвоч“ почна да се емитува во 1989 година и траеше до 2001 година. Серијата ја прослави Памела Андерсон во улогата на Си Џеј Паркер, а меѓу актерите што станаа препознатливи благодарение на неа беа и Кармен Електра и Дејвид Хаселхоф. Во серијата настапуваше и Џејсон Момоа, пред да стане светска ѕвезда.

Со својата комбинација од драматични спасувања, љубовни заплети, атрактивни плажи и незаборавните црвени костими, „Бејвоч“ стана еден од најпрепознатливите телевизиски феномени на деведесеттите години. Во периодот на најголемата популарност, серијата имаше огромна меѓународна публика и остави трага во популарната култура.

Новата верзија треба да го задржи духот на оригиналот, но истовремено да ја привлече и помладата публика. Дали новите спасувачи ќе успеат да ја повторат славата на своите претходници, ќе се дознае по премиерата, најавена за јануари 2027 година.

Поврзани содржини