СЕ ОБНОВУВА ТРЕВАТА НА СТАДИОНОТ ВО БИТОЛА ПО КОНЦЕРТОТ НА ЗДРАВКО ЧОЛИЌ Санацијата ќе заврши многу брзо
Уште следниот ден после концертите започнавме со репарација и обновување на тревната површина, соопшти претпријатието „Комуналец“ од Битола.
Јавното претпријатие „Комуналец“ Битола информира дека го санира теренот на стадионот „Петар Милошевски“, каде во изминатиов период се одржаа два големи концерти – на Здравко Чолиќ и на Стив Аоки.
„Како што веќе ја информиравме јавноста, Општина Битола и ЈП „Комуналец“, во соработка со организаторот на концертите кои се одржаа на стадионот „Петар Милошевски“ и привлекоа голем број посетители, ги презедоа сите потребни мерки за подготовка на теренот пред концертите и за негово враќање во првобитната состојба по нивното завршување. Како јавно претпријатие кое стопанисува со стадионот, а после повеќе дезинформации кои се појавија на некои интернет портали, известуваме дека во соработка со Фудбалската федерација на Македонија и со Општина Битола, уште следниот ден после концертите започнавме со репарација и обновување на тревната површина“, соопшти претпријатието.
Ја уверуваме јавноста дека воопшто не постои простор за загриженост, се додава во соопштението.
„Задолжените служби од претпријатието за одржување на теренот континуирано работат на обновување на тревната површина на стадионот. Сите прскалки се во функција, а обновувањето се одвива согласно планираната динамика и ќе биде завршено во многу краток рок“, соопшти „Комуналец“.