РАДЕВ НЀ НЕГИРА, ФИЛИПЧЕ ЗБОР НЕ СМЕЕ ДА МУ ВРАТИ Нека каже на какви отстапки кон Бугарија е подготвен ако стане премиер

ВМРО-ДПМНЕ му порача на претседателот на СДСМ Венко Филипче дека се претворил во пиун на бугарскиот премиер Румен Радев и во специјален бугарски пратеник за спроведување на бугарската агенда во Македонија.

187

Заслепен од желбата да дојде на власт, Венко Филипче се претвори во специјален бугарски пратеник и единствен кој верува дека уставните измени се последната и единствена пречка на патот кон Европската Унија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Наспроти пораките на официјална Софија дека Бугарите во македонскиот Устав се последно барање, на кои им веруваат само СДСМ и Филипче, бугарскиот премиер Румен Радев има јавни настапи каде што вели дека македонските револуционери како Гоце Делчев и Јане Сандански се Бугари. Радев оди понатаму и вели дека дејци како браќата Миладиновци, основоположниците на словенската писменост светите браќа Кирил и Методиј, како и Климент Охридски и Наум Охридски се Бугари и се дел од бугарската историја. Бугарскиот премиер, поранешен претседател Румен Радев, го негира и македонскиот јазик, при што вели дека потекнува од бугарскиот и дека постои од 1945 година“, се вели во соопштението.






Ова не е сè, се додава, Радев го оспорува и го негира и македонскиот идентитет, за кој, исто така вели дека пости од 1945 и дека пред тоа сме биле Бугари.

„Кај што стигнал на јавен настап пред поголема маса на луѓе Румен Радев не се воздржува, славната и надалеку прочуена македонска историја да ја претставува како бугарска. Потрагично од сето ова е што од домашните предавници СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче нема осуда за ваквите јавни негирања, оспорувања и присвојувања на македонските национални обележја, херои, великодостојници, историја и култура, иако сето ова се случуваше и во периодот кога тие беа власт во Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ и Венко Филипче за негирањата молчат, но затоа, пак, се најгласни за прифаќање на бугарските ултиматум, додава партијата.

„Филипче се претворил во пиун на Радев, на кој збор не смее да му врати и во специјален бугарски пратеник за спроведување на бугарската агенда. Многу е очигледно дека внесувањето на неколку илјади Бугари во Уставот не е ниту единствен, ниту последен услов за евроинтегративниот процес, туку Бугарија има пошироки барања за Македонија, кои директно навлегуваат во прашањата за македонскиот идентитет, историја и културно наследство“, се вели во соопштението.

Од друга страна, се додава, на виделина излегува тоа дека Филипче, исто како и Заев, за власт и за амнестија на криминалите е спремен на нови национални предавства.

„Граѓаните имаат право да знаат какви сè идентитетски и национални отстапки би следеле доколку СДСМ и Венко Филипче повторно добијат можност да дојдат на државни позиции и да одлучуваат за државни работи“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

На македонските граѓани им е доста од отстапки и ултиматуми, додава партијата, тие остро се спротивставуваат на поданичката политика на СДСМ и на Филипче, која ги донесе да бидат трета партија, со едвај 130.000 гласови.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека македонските национални интереси, достоинството на државата и историската вистина не смеат да бидат предмет на политички договори и трговија за власт и цврсто стои на овој став, кој граѓаните го препознаваат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМЕ.

 

Поврзани содржини