🎥 РАДЕ ШЕРБЕЏИЈА НАПОЛНИ 80 ГОДИНИ Човекот што ги освои Југославија и Холивуд и никогаш не ја заборави Македонија
Еден од најголемите актери што ги изнедри поранешна Југославија, Раде Шербеџија, го прослави својот 80. роденден. Во кариера што трае речиси шест децении, тој одигра стотици театарски и филмски улоги, а од омилен југословенски актер прерасна во препознатливо име и на светската филмска сцена.
Роден е на 27 јули 1946 година во Буниќ, во Лика, а актерската академија ја заврши во Загреб. Уште како студент ги добивашњ главните улоги во театарот и на филмот, а во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години беше еден од најценетите и најпопуларни актери во тогашната Југославија. Неговите интерпретации на Хамлет, Ричард Трети, Едип и бројни филмски ликови му донесоа статус на вистинска актерска легенда.
Во златната ера на југословенската кинематографија, Шербеџија беше еден од најбараните актери и соработуваше со најголемите режисери од сите републики. Незаборавни улоги оствари во филмовите „Бановиќ Страхиња“, „Вариола вера“, „Киклоп“, „У раљама живота“, „Живот је леп“, „Ужичка република“ и многу други, толкувајќи историски личности, интелектуалци, воени команданти и сложени драмски ликови. Неговата харизма, длабок глас и силен сценски настап го направија еден од препознатливите симболи на југословенскиот филм во седумдесеттите и во осумдесеттите години.
Деведесеттите години му донесоа тежок животен пресврт. Поради војната и распадот на Југославија ја напушти татковината, извесен период живееше во Белград, Љубљана и во Лондон и практично мораше повторно да ја гради кариерата. Од актер кој беше меѓу најголемите ѕвезди на Балканот, стана уметник кој одново се докажуваше на меѓународната сцена.
Токму преселбата во странство му ги отвори вратите на Холивуд. Публиката ширум светот го памети по улогите во „The Saint“, „Eyes Wide Shut“ на Стенли Кјубрик, „Mission: Impossible 2“, „Snatch“, „Batman Begins“, „Harry Potter and the Deathly Hallows – Part 1“ и многу други филмови, во кои често играше харизматични негативци или мистериозни авторитети.
За Македонија, Шербеџија има посебно место во својата биографија. Светската слава во голема мера ја зацврсти со главната улога во македонскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој беше номиниран за Оскар и освои бројни меѓународни признанија. За својата изведба Шербеџија ја доби наградата на филмските критичари на Филмскиот фестивал во Венеција, што претставуваше една од најзначајните пресвртници во неговата кариера.
Неговата врска со Македонија не завршува со „Пред дождот“. Подоцна го режираше и играше во филмот „Ослободувањето на Скопје“, снимен според познатата драма на Душан Јовановиќ, со кој уште еднаш ја потврди својата силна емотивна и професионална поврзаност со македонската култура и историја.
Во бројни интервјуа Шербеџија зборува со голема почит за Македонија. Истакнувал дека македонската култура, музика и филм имаат посебно место во неговото срце и дека токму затоа сакал повторно да снима и да создава во земјата. Покрај хрватското и словенечкото, тој поседува и македонско државјанство, што дополнително сведочи за неговата силна поврзаност со Македонија.
View this post on Instagram
Освен актер, Шербеџија е и поет, музичар и режисер. Објавил повеќе книги поезија, снимил музички албуми и со години настапува со концерти на кои поезијата, шансоната и актерството се испреплетуваат во препознатлив уметнички стил.
Во текот на кариерата доби десетици домашни и меѓународни признанија. Четирикратен е добитник на „Златна арена“ за најдобар актер, а во 2019 година ја доби и почесната награда „Мери Пикфорд“ за исклучителен придонес во филмската индустрија. И на осумдесет години продолжува да глуми, да пишува и да настапува, останувајќи еден од ретките балкански актери што успеале да изградат вистинска светска кариера.
За публиката во Македонија, Раде Шербеџија никогаш не бил само голема југословенска или хрватска филмска ѕвезда. Тој е уметник кој со своите улоги, особено во „Пред дождот“ и „Ослободувањето на Скопје“, остави длабока трага и во македонската кинематографија. Затоа неговиот 80. роденден е повод да се потсетиме на една извонредна кариера што одамна ги надмина границите на Балканот.