ПРОДАДЕН ХОТЕЛОТ „БРИСТОЛ“ Дали новиот сопственик ќе успее да го активира хотелот кој со години е затворен?
Засега не е позната вредноста на купопродажбата, а деталите за трансакцијата евентуално би можеле да бидат објавени во следниот период преку известување на Македонската берза.
„Македонијатурист“ го продаде хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, а според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, нов сопственик на објектот е компанијата „ГМ Проперти“.
Засега не е позната вредноста на купопродажбата, а деталите за трансакцијата евентуално би можеле да бидат објавени во следниот период преку известување на Македонската берза.
„ГМ Проперти“ е компанија основана во октомври 2024 година со дејност поврзана со услужниот сектор чиј сопственик е Емил Кратовалиев, а управител Костадин Саздовски. Фирмата изминатите години работела со загуби и има обврски од 5 милиони евра.
Хотелот „Бристол“ претставува еден од најзначајните историски објекти во Скопје и се смета за најстар зачуван хотел во градот. Изграден е во 1923 година по иницијатива на познатите скопски трговци Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, а официјално бил отворен на 24 април 1924 година.
Објектот се наоѓа на денешната улица „Македонија“, во близина на некогашната Железничка станица, а низ историјата бил едно од главните места за престој на патници, трговци, дипломати и јавни личности кои го посетувале Скопје. Во периодот меѓу двете светски војни, како и во децениите потоа, „Бристол“ бил препознатлив симбол на градскиот и боемскиот живот.
Хотелот располага со 33 соби, ресторан и други придружни содржини, а неговото значење не се поврзува само со туристичката функција, туку и со културното и историското наследство на главниот град.
Не е познато какви се плановите на новиот сопственик, но веројатно ќе се придржува кон обврските кои произлегуваат од заштитата од прв степен што ја има хотелот. Според податоците од Управата за заштита на културното наследство, за „Бристол“ во Деталниот урбанистички план е утврден режим на заштита од прв степен. Тоа подразбира зачувување на постојната состојба на објектот. Не се дозволуваат промени на фасадата, волуменот и габаритот без претходно конзерваторско одобрение, а над сите работи стручен надзор врши НУ Конзерваторски центар – Скопје.
Покрај овој култен хотел на скопјани Македонијатурист го продава и хотелот „Јадран“ и друг имот, но купува градежно земјиште.
Пред еден месец Македонијатурист објави дека е склучен договор за стопанисување на хотелско-ресторанскиот капацитет познат како хотел Русија. Притоа формираше и нова подружница под која работи хотелскиот капацитет.
Во портфолиото на компанијата и понатаму остануваат хотелите „Белви“, „Бест Вестерн Хотел Турист“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј Ин“, кои продолжуваат со редовно работење.