НАПРАВИЛ ХАОС НА „ГАЛИЧКА СВАДБА“, ПА ПРОДОЛЖИЛ И ВО ГОСТИВАР Пијан гостиварец двапати приведен за само 10 часа
По нарушување на јавниот ред и мир за време на „Галичката свадба“, 56-годишен гостиварец повторно бил приведен истиот ден во Гостивар. Алкотестирањето покажало дека имал 1,75 промили алкохол во крвта.
56-годишен гостиварец двапати бил приведен од полицијата во текот на еден ден, откако предизвикал инциденти најпрво во Галичник, а потоа и во Гостивар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 12 јули околу 10:45 часот полициски службеници од Полициското одделение Маврово го привеле Ѓ.Р. (56) од Гостивар, бидејќи со агресивно однесување го нарушил јавниот ред и мир во селото Галичник, за време на одржувањето на традиционалната манифестација „Галичка свадба“.
Но, тука не завршиле неговите проблеми со полицијата.
Истата вечер, околу 20:40 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар повторно го привеле Ѓ.Р. на улицата „Браќа Ѓиновски“, бидејќи повторно го нарушувал јавниот ред и мир.
По извршеното алкотестирање било утврдено дека тој имал 1,75 промили алкохол во крвта.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на двата случаи против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.