ПРОБЛЕМОТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ ЌЕ СЕ РЕШАВА СО БИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ Владата бара решение за ЕЕС и поддршка за камионџиите

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека Владата има редовна комуникација со превозниците и дека веќе се склучени договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.

0

Владата и Министерството за транспорт продолжуваат да бараат решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници по воведувањето на системот „ЕЕС“ (Entry/Exit System) во Европската Унија, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за најавите на дел од превозниците дека би можеле да организираат протести доколку до 1 септември не се најде решение, Николоски рече дека Владата има редовна комуникација со превозничките здруженија и дека се бараат конкретни решенија преку билатерална соработка со земјите од Шенген-зоната.






– Имаме редовни средби, ако не еднаш неделно, тогаш на две недели. Имаме одлична соработка. Ова прашање е едно од стотиците прашања што ги решаваме. Во однос на проблемот што настана со воведувањето на „Ентри/Егзит“ системот на Европската Унија, ние го правиме нашиот максимум и превозниците имаат целосна поддршка – истакна Николоски.

Тој посочи дека прашањето е во надлежност на Европската Унија и Шенген-зоната, но додаде дека државата презема чекори за надминување на последиците преку склучување билатерални договори со одделни земји.

Николоски информираше дека Македонија веќе има такви договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека интензивно се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.

– Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат – рече Николоски.

Во однос на најавените протести, министерот нагласи дека не ги смета за најдобро решение.

– Мислам дека е поконструктивно да наоѓаме решенија и не мислам дека протестите се решение. Секако, тие се крајна форма, но ние во изминатиот период наоѓаме решенија и ќе продолжиме да ги наоѓаме – нагласи Николоски.

Тој додаде дека има впечаток оти зад дел од притисоците поврзани со ова прашање стојат и политички мотиви од соседството.

– Она што го добив како чувство е дека една соседна држава врши притисок за ова прашање, пред сè, од политички причини. Нека си ги решаваат своите проблеми. Ние имаме индивидуален пристап и ќе ги решаваме проблемите онака како што мислиме дека е најдобро – рече министерот.

Николоски истакна дека не се согласува со пристапот проблемите на државите од регионот да се третираат колективно, под етикетата „Западен Балкан“, нагласувајќи дека Македонија треба самостојно да ги застапува своите интереси.

– Не смееме да паѓаме во замката на колективизација на проблемите. Долго време има обид целиот регион да биде претставен како едно. Ние славиме 35 години независност за некоја недела и враќањето назад би било најлошото нешто што може да ѝ се случи на државата – нагласи Николоски.

Поврзани содржини