ПРЕВОЗНИЦИТЕ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ЗГРАДАТА НА ЕУ ВО СКОПЈЕ Ќе ги блокираат границите ако Брисел не донесе политичка одлука за нив

Со проблемот директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во земјава, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Поради немањето правна сигурност и разните толкувања на граничните премини од страна на надлежните службеници, дури 50 отсто од возачите во моментот одбиваат да возат.

7

Превозниците денеска одржаа предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со паркирање дваесетина товарни возила барајќи итно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенген-зоната. Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел, а истовремени протести се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

Генералниот секретар на „Макам транс“, Билјана Муратовска, истакна дека и покрај тоа што во јануари од Европската Унија било признаено дека професионалните возачи вршат дејност, веќе седум месеци ништо не е преземено за надминување на проблемот со правилото 90/180 дена.

– Да го чуваш возачот во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа за да му провериш дали има или нема надминато денови, е благо речено страшна дискриминација и повреда на човековите права – истакна Муратовска додавајќи дека возачите мора да бидат психички стабилни за да може уредно да учествуваат во сообраќајот.






​Со овој проблем директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во земјата, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Поради немањето правна сигурност и разните толкувања на граничните премини од страна на надлежните службеници, дури 50 отсто од возачите во моментот одбиваат да возат.

Транспортерите се клучниот двигател на целата економија и без нив увозот и извозот нема да можат да го затворат кружниот циклус на капиталот.

– Како фела не сме огромни ниту пак им загрозуваме работните места во Европа. Напротив, ние ја вршиме својата дејност со превоз на лекови, стока и репроматеријали во двете насоки – нагласи Муратовска.

Кога има вонредни ситуации, додаде таа, мора да постои политичка волја и да се донесе одредено решение како би ги надминале сите проблеми.

– На сите дописи што ги праќаме досега добиваме негативни одговори, така што денеска точно во 13 часот во сите четири главни града на државите од Западен Балкан ќе се поднесе допис во кој бараме Европската Унија, бидејќи се работи за вонредни ситуации, значи застојот, прекинот во снабдувањето на стоката меѓу Европската Унија и нашите држави е вонредна ситуација. ​Затоа реков во вонредни услови треба вонредни мерки да се донесат и очигледно е дека се работи за политичка одлука дали ќе нѐ пуштат или нема да нѐ пуштат да работиме нормално во Европската Унија – рече Муратовска пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Владата, како што претходно информираше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, работи на решавање на прашањето преку склучување нови билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната. Сепак, од „Макам-транс“ нагласуваат дека се работи за вонредна ситуација која бара системска политичка одлука на ниво на целата Европска Унија, бидејќи билатералните договори се само форма на лобирање, додека конечните решенија бараат согласност од сите 30 држави.

Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде обезбедено преодно решение за статусот на возачите, превозниците најавија дека ќе ги радикализираат протестите со блокирање на граничните премини на секоја држава одделно.

Министерството за транспорт денеска соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери и активно и во континуитет работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на проблемот со земјите од шенген-зоната.

– Во рамките на можностите со кои располага Министерството се работи на склучување билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение – Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Потенцираме дека такви договори веќе се склучија со Швајцарија, Хрватска и со Романија. Интензивно работиме со владите на Австрија, на Германија и во септември се очекува да се одржи средба на високо ниво со владата на Австрија, а во октомври и со Словенија, со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери – наведуваат од Министерството.

Бидејќи се работи за правила во шенген-зоната, она што Владата преку Министерството за транспорт може да го направи и она што го има на располагање е да потпише билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната за издавање долгорочни визи.

– Идејата е, генерално, да се покријат рутите, каде што традиционално македонските транспортери работат. Тоа ги подразбира земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери и токму со овие земји Владата и Министерството работат на билатералните договори за долгорочни визи. Потенцираме дека Македонија самостојно треба да го решава проблемот и единствен начин во овој момент е преку билетерални договори со земјите од шенген-зоната. Транспортната дејност е двигател на македонската економија и од тие причини сметаме дека дејноста не треба да запре да работи, напротив, Владата и Министерството за транспорт продолжуваат активно со работа за изнаоѓање дополнителни решенија – посочуваат од Министерството за транспорт.

Поврзани содржини