📽️ ПРЕДУПРЕДИЈА ЗА КРАЖБИ НА ЗЛАТО, НО ПРЕДОЦНА Исчезна најголемиот дел од вредното музејско богатство

Европол предупредил дека криминалните мрежи сè повеќе се насочуваат кон злато и други благородни метали, но известувањето до музејот во Виљена стигнало дури ден по кражбата.

0

Извештајот на Европол за зголемениот број кражби на благородни метали од европските музеи до шпанскиот музеј во Виљена (MUVI) стигнал еден ден предоцна. Предупредувањето било примено дури откако крадците го однеле најголемиот дел од „Богатството од Виљена“, една од најзначајните европски збирки на златни предмети од бронзеното време.

Полициската агенција на Европската Унија, Европол, извештајот го објавила на 24 август, три дена пред кражбата. Во документот се предупредува дека нападите врз европските музеи се менуваат и дека криминалците покажуваат сè поголем интерес за злато, други благородни метали и скапоцени камења.






Кражбата се случила во раните утрински часови на 27 август. Алармот во музејот се активирал во 5:16 часот, но крадците дотогаш веќе биле во објектот и успеале да го однесат најголемиот дел од богатството.

Според податоците од електронската пошта, предупредувањето од Европол до музејот стигнало дури следниот ден – 28 август, меѓу 14:00 и 14:05 часот.

 

Случајот предизвика и политичка дебата за тоа кој е одговорен што предупредувањето не стигнало навреме.

Регионалната влада на Валенсија тврди дека не можела порано да го извести музејот бидејќи предупредувањето не го добила од Министерството за култура пред кражбата да биде завршена.

Според извори од регионалното Одделение за образование, култура и универзитети, министерството им го испратило предупредувањето на автономните заедници во петокот, 28 август, во 13:18 часот. Во писмото било побарано информацијата да биде проследена до музеите.

Музејската служба на „Generalitat“, регионалната влада на Валенсија, му го испратила известувањето на музејот во Виљена помалку од еден час подоцна.

Нандо Пастор, парламентарниот портпарол на конзервативната Народна партија во парламентот на Валенсија, ја бранеше регионалната влада.

– „Generalitat“ не можеше да проследи информации што едноставно не ги добил – изјавил Пастор.

Градоначалникот на Виљена, Фулхенсио Сердан, изразил жалење што предупредувањето не стигнало порано.

– Сигурен сум дека можевме да направиме повеќе – изјавил Сердан, пренесува весникот „La Vanguardia“.

 

Во извештајот на Европол се наведува дека кражбите од музеите стануваат „сè поагресивни“, со поместување кон насилни методи и употреба на сила.

Агенцијата предупредува дека благородните метали се особено привлечни за криминалците бидејќи можат да се стопат, со што значително се отежнува следењето на украдените предмети и нивното враќање.

Европол наведува и неколку причини поради кои музеите се привлечна мета за криминалните мрежи. Меѓу нив се нивната „видливост, достапност и перцепцијата дека безбедносните мерки во музеите се помалку строги отколку во продавниците за накит“.

Истрагата за кражбата на „Богатството од Виљена“ продолжува.

Властите се обидуваат да ги лоцираат украдените предмети и да ги идентификуваат сторителите.

Поврзани содржини