ПРЕД ОЧИ НА МАЛО ДЕТЕ СО БЕХАТОН ПЛОЧКИ ТЕПАЛЕ ДВЕ ЛИЦА ВО КИСЕЛА ВОДА Обвинителството бара куќен притвор за еден од насилниците
Тој на 21 април, во 2 часот по полноќ, заедно со уште неколку непознати лица извршил грубо насилство врз двајца оштетени, а кај 10-годишно дете сведок на настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Основното јавно обвинителство Скопје почна истражна постапка против 19-годишник осомничен за кривично дело – Насилство според член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти обвинителството, тој на 21 април, во 2 часот по полноќ, пред тобако-маркет во Кисела Вода, заедно со уште неколку непознати лица извршил грубо насилство врз двајца оштетени, а кај 10-годишно дете сведок на настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
„Додека оштетените седеле пред маркетот, осомничениот со неколку непознати лица ги нападнале и започнале да ги удираат со тврди предмети – бехатонски плочки, нанесувајќи му тешки телесни повреди на едното и телесни повреди на другото нападнато лице“, се наведува во соопштението.
Со цел непречено водење на постапката, јавниот обвинител предложи на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во судот, привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените.