47 ПОВРЕДЕНИ ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРАНСТВО Неколку пациенти се на кислородна поддршка, но сите се во стабилна состојба

Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека има информации за 4 до 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници, но дека тие се надвор од животна опасност.

712

Министерот за здравство, Арбен Таравари, информираше дека состојбата на повредените од пожарот во дискотеката во Кочани е стабилна и дека пациентите се надвор од животна опасност.

Моментално, информира Таравари, во македонските болници се хоспитализирани вкупно 115 пациенти. Во Клинички центар „Мајка Тереза“ има 25 пациенти, во Градската болница се лекуваат 24 лица, а во болницата „8 Септември“ сите пациенти се во релативно стабилна состојба. Во болниците во Штип и во Кочани има вкупно 42 пациенти. Дел од пациентите веќе се пуштени на домашно лекување.






Министерот за здравство потврди дека досега тројца пациенти се пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун; 8 во Софија; по тројца во Пловдив и Варна; двајца во Србија (по еден во Белград и во Ниш), а тројца пациенти се во Истанбул, додека, пак, дополнителни шестмина ќе бидат транспортирани со авион вечерва во 19.30 часот.

Вечерва се очекува уште 4 пациенти да патуваат во Хрватска, а 15 други пациенти ќе бидат испратени со авион во Белград. Тројца ќе бидат однесени со амбулантни возила во Белград, а 12 пациенти со авион.

Со тоа, вкупната бројка на повредени што ќе се лекуваат надвор од Македонија ќе достигне 47, најави министерот Таравари.

Тој потврди дека утре во Македонија ќе пристигнат специјалисти за изгореници од Израел, Белград и од Прага, кои ќе им помогнат на домашните медицински тимови.

– Неколку пациенти имаат потреба од кислородна поддршка, но генерално сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Но, овие ситуации не се предвидливи. Засега велиме дека е стабилно, иако постои можност за развивање едеми и други компликации – посочи Таравари.

Тој додаде дека има информации за 4 до 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници, но и тие се надвор од животна опасност.

Со „Спартан“ се превезени осуммина повредени, петмина се во критична состојба

Со бугарскиот воен авион „Спартан“ превезени се осуммина од повредените во пожарот во Кочани, Република Северна Македонија, соопшти бугарската владина прес-служба.

Петмина од транспортираните се тешко повредени и се на механичка вентилација, и уште тројца на кои не им е потребна, јави БТА.

Петмина од пациентите ќе бидат сместени во Универзитетскиот болнички медицински центар „Н. И. Пирогов“. Останатите 3 лица, со тешки изгореници со авион, го продолжуваат патувањето до болницата во Варна кон Воено медицинската академија (ВМА).

Уште 5 лица во тешка состојба и на механичка вентилација се очекува во текот на денешниот ден да пристигнат со амбулантни возила со специјализирана опрема во софискиот централен ургентен центар.

Тројца од нив ќе бидат сместени во Пловдивската универзитетска болница „Св. Ѓорѓи“, а двајца ќе се лекуваат во Универзитетската болница „Н. И. Пирогов“ во Софија.

 

 

Поврзани содржини