📽️ ПОМАЛИОТ СИН НА СУПЕРМЕН ИМАЛ РАК НА ТЕСТИСИ Вил Рив ја откри својата приказна за борбата со тешката дијагноза

Синот на покојниот актер Кристофер Рив откри дека годинава му бил дијагностициран агресивен тип рак на тестисот, по што бил опериран и примил хемотерапија. Денес има причина за олеснување – прегледите покажале дека е без знаци на рак.

47

Вил Рив, 34-годишниот син на покојниот актер Кристофер Рив, откри дека во изминатите месеци тајно се лекувал од рак на тестисот. Тој ја сподели веста во емисијата „Good Morning America“, каде што веднаш ги увери гледачите дека сега е добро.

– Дијагнозата беше шок, а третманите беа тешки. Но денес со олеснување можам да кажам дека стигнавме до целта и дека овој рак е зад мене. Но, каков пат беше тоа – вели Рив.






Проблемот го забележал во април, само три месеци откако се оженил со Аманда Дабин. Во туш кабината почувствувал тврда и болна грутка на левиот тестис. На почетокот мислел дека станува збор за нешто минливо, но откако промената не исчезнала, неговата сопруга го убедила да направи ултразвук. Снимката покажала маса која морала да биде отстранета.

Во мај бил подложен на операција при која му бил отстранет левиот тестис. Анализите покажале дека 95 отсто од туморот бил ембрионален карцином, агресивен тип рак на тестисот. Потоа во јуни следувала уште една, шестчасовна операција за отстранување на десетици лимфни јазли во абдоменот. Три од нив биле позитивни на рак.

Поради тоа, Рив примил две рунди хемотерапија. Третманот започнал во јули, а во деновите кога примал хемотерапија, со сопругата поминувал по околу девет часа во болницата „Memorial Sloan Kettering“ во Њујорк. Тој користел и т.н. ладна капа, метода што може да помогне во намалување на губењето на косата за време на одредени хемотерапии.

Рив откри дека имал несакани ефекти како болки во коските, зуење во ушите, ноќно потење, згрутчување на крвта и главоболки. На крајот на јули го завршил третманот, а на 8 септември прегледите покажале дека нема знаци на рак.

Посебно емотивен бил фактот што Рив се лекувал во истата болница каде што неговата мајка Дејна Рив се лекувала од рак на белите дробови. Таа почина во 2006 година, само две години по смртта на Кристофер Рив. Кристофер, познат по улогата на Супермен, остана парализиран по пад од коњ во 1995 година и почина во 2004 година на 52-годишна возраст.

Вил вели дека решил јавно да зборува за своето искуство затоа што така бил воспитан од неговите родители – да ги споделува сопствените тешкотии ако тоа може да им помогне на други луѓе. Особено сакал да го сврти вниманието кон ракот на тестисот и да ги охрабри мажите да не ги игнорираат промените што ќе ги забележат.

– Сакам луѓето да знаат дека ова може да се случи. Шокантно е, чудно е и малку непријатно е да се зборува за тоа поради природата на она за што зборуваме, но на крајот најчесто завршува добро – вели Рив.

Поврзани содржини