ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО КУМАНОВО, ГРУПА СО ГОДИНИ ВРШЕЛА ИЗНУДИ Претресена е и нотарска канцеларија
Полицијата подготвува кривични пријави против петмина осомничени за лихварство, изнуда и перење пари. При претресите биле пронајдени поголема сума пари и документација, а Народната банка проверува и менувачница поврзана со брат на еден од осомничените.
Криминална група осомничена за лихварство, изнуда и перење пари дејствувала во Куманово повеќе од пет години, од 2021 година до денес, а полициската акција започнала откако некој се охрабрил да ги пријави нејзините активности. Против пет лица ќе бидат поднесени кривични пријави, соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев.
Според Јанев, групата дејствувала организирано, а полицијата располага со сериозни докази за незаконските активности на осомничените.
– Криминалната група дејствувала организирано и нивните активности се вршеле од 2021 година до сега. Значи, дејствувала на територијата на Куманово повеќе од пет години – изјави Јанев, одговарајќи на новинарско прашање за денешната полициска акција.
Тој откри дека истрагата била поттикната од информација што некој се осмелил да ја достави до полицијата.
– Некој се охрабрил да напише информација, да ја достави во рамки на полицијата и како полиција постапуваме одлучно, постапуваме по секоја дадена информација и не правиме никаква толеранција – рече директорот на БЈБ.
При претресите кај осомничените биле пронајдени поголема количина пари и документи што, според полицијата, укажуваат на позајмување пари и изнудување.
– Направени се претреси кај сите и притоа е пронајдена поголема количина пари и документи што упатуваат дека лицата се занимавале со позајмување пари, вршеле изнуди и врз основа на тоа предложено е да се прави претрес во нотарска канцеларија во Куманово – истакна Јанев.
Во истрагата е вклучена и Народната банка, откако биле пронајдени финансиски с едства за кои се проверува дали потекнуваат од менувачница во сопственост на брат на еден од осомничените.
Народната банка врши контрола и ревизија за да утврди дали пронајдената готовина навистина потекнува од менувачницата.
Јанев најави дека во текот на постапката се очекува да бидат одземени и возила, телефони, документација и други предмети што можат да послужат како докази.
Полицијата дејствува во координација со надлежниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, а по завршувањето на документирањето на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против петтемина осомничени.